| |

Мицко и Митко- „вмровците“ што се плашат од бугаризација на Македонија

Пишува: Маузер

Интересен период за нас „бугарашите“ се случува овие неколку недели . Зоран Заев и неговата влада во дипломатска офанзива најавија одмрзнување на преговорите со Бугарија. Денеска дури се наоѓаат во посета на Софија каде што добија потврда на веќе познатиот став, дека Бугарија нема да го повлече ветото. Во врска со активизирањето на Заев Христијан Мицкоски блокираше раскрсници против бугаризацијата, а Митко Јанчев и Кавадарци обележуваат годишнина од еден трагичен настан за Тиквешкиот регион. Заев искрено не ме интересира многу и не очекувам некаква промена, па ќе се фокусирам на хипокризијата и историското непознавање на Митко и Мицко.

Да поченеме со ред, Мицко загрижен за македонштината по добиените информации од неговите „сигурни извори“ за надоаѓачкото бугарското предавство на Заев реши да им се качи на глава на сите Скопјaни и да блокриа 3 од најзначајните раскрсници во Скопје во време кога сите се враќаат од работа. Протестите на ДПМНЕ – Ваљево, како што милува „колегата“ Канзуров да ги нарекува, за мене лично се вистински начин за борба. Реално, кога на една нација и се закануваат опасности масовните протести и блокади се правилен начин на борба. Абе крв треба да тече по улици и реално така се брани една нација. Е сега проблемот за Мицко тука е што неговите најавени секојдневни протести, кои требаше да траат се додека Заев не признае што договорил со Бугарите, траеа 2-3 дена и собраа само неколку стотини партиски војници на Равногорскиот покрет ДПМНЕ – Ваљево на Мицко (Крстиќ). Протестите против бугаризацијата на Македонија успеаа само во една работа, а тоа е да заглават чесен народ половина час – час подолго во кола уморни од работа. Ништо повеќе од тоа, тотален дебакл, а да биде ситуацијата уште по трагикомична е фактот што од бугаризација стравува и протестира против нејзе партија која што во името носи ВМРО.

Оф Боже, каква иронија. Организацијата која се прокламира за наследник на онаа моделирана според ВРО на Левски, која што во првиот устав се нарекува бугарска и може да членуваат само Бугари стравува од бугаризација. Да не е смешно би било трагично. Оригиналната организација ВМРО ја водеше Ванчо Михајлов кој што на телевизија јасно и гласно кажа што мисли за македонизмот и каков е тој и сите негови соработници. Нејсе, народот обично не мисли на ВМРО на Ванчо Михајлов кога ќе каже ВМРО, тие обично мислат на „изворното“, македонското ВМРО како што милуваат да кажат. Во ред, ајде тогаш да видиме какво било тоа ВМРО.

Историското, изворното, како сакате наречете го ВМРО според некои извори и историчари меѓу кои и водечкиот пирински македонист Катарџиев е првично БМОРК – Български Македоно-Одрински Революционни Комитети. Дури и да не верувате дека тоа е првичното име на Организацијата, во секоја нејзина варијанта има едно екстра О кое што означува Одринско и едно В напред. Самото име на организацијата во секој нејзина варијатна е во целост бугарско. Одринско и Македонија се според Бугарија единствените 2 територии на етничките Бугари сеуште под Отоманско ропство, а Внатрешната организација е тип на организација осмислен од Васил Левски исто така е чисто бугарски. Самите дејци на ВМРО кажуваат дека ја моделирале својата борба со таа на Левски, Каравелов, Раковски, Ботев и другите, ги идеализирале и напишале устав по пример на ВРО. Ако тоа не е доволен доказ за бугаризација, можам тука да продолжам уште цел ден.

Дали треба да го спомнуваме фактот дека сите нејзини дејци или биле учители на бугарските Егзархијски училишта кои се единствената бугарска национална институција на овие простори и носители на бугарската национална идеја? Дали фактот што тие што не биле Егзархијски учители биле бугарски офицери и под-офицери? Марко Лерински, Христо Чернопеев, Тома Давидов, Тане Николов сите тие војводи се Бугари од Бугарија, професионални војници и офицери без допирна точка со Македонија. Тие не биле непоканети гости и падобранци, нив ги донеле нивните браќа Македонци. 36 од 60 четници во четата на Иван Наумов Алабакот биле Бугари од Бугарија. На Ножот, најголемата битка со Турците после Илинденското востание гинат во најголем дел Бугари од Бугарија. Македонските револуционери носеле на своите шапки бугарски грб (https://sbornikstrumski.com/bulgarskia-gerb-na-makedonskite-komiti/) и редовно носеле бугарски воени униформи. Митре Влаот кога Каравангелис го повикува да се приклучи на грчка страна бидејќи не е Бугарин му одговара дека пушката ја добил од Фердинанд и дека само на него ќе му ја предаде. Целата коресподенција ја воделе на бугарски јазик, нивното единствено задгранично представништво било во Софија, во сите војни на Бугарија војувале на нејзина страна, не на сила натерани туку како доброволци! Итн итн. Навистина е бизарно некој кој што сака да се повикува дека е наследник на таа организација да стравува од бугаризација.

Да не остане покус одметнатиот тиквешки син на Организацијата, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев се истакна со (не)одбележувањето на неколку позначајни настани од неговиот регион кои се случиле овој месец. Имено, на 15.06.1913 било кренато Тиквешкото востание против српската власт во Македонија. Целта на востанието е јасна, да се избрка српската власт и Вардарска Македонија да се приклучи кон Бугарија како што е договорено претходно. Востанието е задушено после неколку денови, а српските војски во својот казнен поход на најсуров начин убиваат помеѓу 550 и 1000 тиквешани, запалени се повеќето села и силувани се илјадници девојки и жени. Тоа е најтрагичниот настан во историјата на целиот регион, а начинот на кој што се убивани дел жртвите ги надминува и најжестоките садистички фантазии. Митко Јанчев тој настан секако не го одбележа, но не пропушти да го спомне сеќавањето на 12 стрелани младинци комунисти од Ваташа од страна на „бугарскиот фашистички окупатор“.

Секако дека за македонистите вториот настан е многу потежок од првиот, не поради нивото на насилство и бројката на жртви, туку поради фактот што го извршиле „бугарските фашисти“. За жал и тука е приметен несразмерноста во одбележувањето и стигматизацијата. Додека настанот кој што само во селото Ваташа има одземено 4 пати повеќе животи е делегиран на една плоча каде што не пишува ни од кого ни зошто се убиени луѓето, масакрот врз 12те младинци е централна точка на целата македонска нација. Графити, спомен паркови, прослави со факели и незаборавното татари-фашисти се редовен фоклор на 16ти јуни.

Да се разбереме, немам ништо против да се прости тоа што се случи при задушувањето на Тиквешкото востание. Денешните Срби немаат врска со тој настан и нема за што да ги обвинуваме за да си го дигнеме нивото на жртва што на балканот е екстремно важно, но зошто истото не може да се примени кон Бугарија и Бугарите за еден многу помал грев? За да биде ситауцијата уште потрагична, војниците што ги стрелаат младинците, се припадници на 56-ти Велешки полк, командувани од паланчанецот Љубен Апостолов, а жртвите се накодошени од нивните соселани во Ваташа.

Бугарија извршителите и налогодавците ги испорачала на новата македонска власт и тие биле судени поради својот злостор. Тиквешани можеле не само да простат, туку дури и речиси да заборават настан што им се случил само 32 години порано кога сеуште имало живи сведоци, луѓе што изгубиле цели фамилии без ниту еден виновник да биде казнет. Чудно е навистина тоа што денешните Тиквешани не можат да простат многу помал настан што се случи пред речиси 80 години и за кој одговорните биле донесени пред лицето на правдата.

Тоа е всушност и причината зошто е потребно ветото и промената на историскиот наратив во Македонија. Не можете да влегувате во заедница со Бугарија, а во целиот ваш историски наратив таа да е директен кривец за се лошо. Се додека просечниот Македонец робува на заблудите ширени од образовниот систем и официјалната политика дека ВМРО се борело против Бугарите, дека немаме ништо заедничко со нив, дека во Ваташа 12 деца биле стрелани затоа што биле Македонци, се до тогаш не е возможно пријателство меѓу двата народа и држави.



Слични Објави