Стефковски: По 62 години, конечно се реновира ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, направив увид во градежните активности на локацијата каде што се гради новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто.
„По 62 години, конечно се реализира проект од огромно значење за целото население, за сегашните и идните генерации ученици, наставници и родители. Старите училишни бараки одамна не ги задоволуваа ниту стандардите, ниту потребите на современото образование. Со овој нов објект, правиме крупен чекор кон обезбедување достоинствени услови за учење, воспитување и растење на децата од Ченто“, рече Стефковски.
Тој информира дека се гради современа училишна зграда на приземје и еден кат со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, 30 специјализирани и опремени кабинети и капацитет за 713 ученици.
„Ова е повеќе од градежен проект – ова е исполнување на долгогодишна потреба и очекување на граѓаните на Ченто. Ова е доказ дека кога постои политичка волја, визија и одговорност – децениски проблеми можат да се решат. Новото училиште ќе биде простор каде децата ќе се едуцираат, развиваат и ќе создаваат спомени што ќе ги носат цел живот. Продолжуваме заедно, со конкретни чекори и силна посветеност, да градиме подобро образование и подобра иднина за сите“, рече Стефковски.