СТЕВЧО ГО ЗАСЕНИ ПУТИН

Истакнато Колумни Краток спој Позиција

Новокомпонованата русофилска маса беше во шок… ама за кратко, бидејќи апсот на Стевчо го засени фактот дека „новата мати“ на македонскиот порнонационализам излезен од болните мозоци на фановите на Ефтов и Миленко, го призна новото име на нашата земја. За мене Република Македонија ќе си остане Република Македонија, ама јас не сум политичар. Од мене никој нема да бара да ја нарекувам мојата Македонија, Северна, но за тоа во друга прилика.

Реално апсењето на Стевчо Муња им дојде таман на време на Бачевци, а и не само на нив. Стаљинистите во Македонија се појавија како мрави, откако еден центар осети дека веќе вака не може, па бавно и мачно сепак промените во внатрешен план ќе дојдат. Прво таму каде што се најпотребни и не, не верувам дека екипата околу Заев ќе ги започне, ќе ви кажам и зошто мислам така.

Пред два дена угледната телевизија 24 објави дека пратениците (тие наши свети кравички) ќе потрошат четвртина милион евра за нивно сместување во хотели во земјата и странство. За осетливоста на газовите на народните избраници нема потреба да зборуваме нели. Тие милите не се навикнати на евтин смештај. Евтиниот смештај е резервиран за рајата што ги гласа.

За да не навлегувам подлабоко во проблемот и за да не ме обвините во левичарски популизам ќе спомнам само дека денеска министерот за здравство д-р Венко Филипче се пофали со 8 комбиња, кои од Министерството за земјоделство и водостопанство, ќе заминат за „преботка“ во амбулантни возила. Таа пренамена секако ќе си повлече со себе и тендер за фирмата што ќе се нафати да ја заврши. Познајте истата таа фирма до која партија ќе биде блиска. Не е тешко да се сетите нели.

Значи вака, Министерството за здравство и Министерството за земјоделство си ги прават шемите (нормално законски) со цел најверојатно да се заштеди, ама мене ми боде очи фактот дека баш во здравството се штеди. Не се штеди во смештајот на пратениците наши насушни. Помислете врз тоа прашање, додека сон не ве фаќа од нервоза дали и колкав притвор ќе добие Стевчо Муња, или пак додека се прашувате знае ли Путин дека Руската федерација го призна договореното во Нивици.

И за да не стане краткиот спој премногу долг… ќе ви кажам нешто многу интересно, на ти го-дај ми го министерствата во македонската влада си играа и во времето на Груевски. Ви текнува на она мега комично извлекување на луѓе што требаше да се вработат во Македонски шуми? Го емитуваа на телевизија, а откако огромниот број верни послушници на Груевски беа извлечени сосема случајно, истите беа распределувани по театри, комунални претпријатија и други државни институции. Во оние минати моменти бев среќен што Македонија нема нуклеарка инаку некој Стане од Прдејци со два сантима школо, но со правилна партиска книшка, наместо во Македонски шуми, можеше ко ништо да заврши во нуклеарката.

Промените нема да ги донесе Заев, затоа што денешното апсење на Стевчо Пржам ајвар за референдумов Јакимовски, е многу слично со циркузантските акции што ги правеше Груевски. Кога веќе го спомнав Богот, се надевам дека ќе напише збор два на фејсбук за неговиот стар другар… не за друго, туку за да биде театарската претстава тотален водевил.

Автор: Атанас Величков-Батко Тане