Ѓ. ТРЕНДАФИЛОВ: ГДУ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ЗАЛАГА ЗА ПРОМЕНА НА ИЗБОРНИОТ МОДЕЛ
„За нас од Граѓанско демократската унија, изборниот модел, ми се чини е прв во програмските документи и ние немаме збирка на желби, зошто треба да се смени изборниот модел, туку во програмските документи пишува зошто, кога и како.“- истакна претседавачот со Националниот комитет на ГДУ, Ѓорѓи Трендафилов за време на дебатата „Слободни и фер избори“ организирана од Conservative.mk, којашто се одржа вчера во Скопје.
Трендафилов побара од останатите учесници концизно по теркот на ГДУ да дадат реални одговори на прашањата: зошто, кога и како да се дојде до промена на изборниот модел. Трендафилов истакна дека неговата партија ќе инсистира на тоа и ќе продолжи да се залага за Македонија да стане една изборна единица со отворени листи, бидејќи таа идеја е еден од основните постулати на Граѓанско демократската унија.
Во Преамбулата на Граѓанско демократската Унија е наведено дека партијата го предлага следниов концепт:
ПРОПОРЦИОНАЛЕН ИЗБОРЕН СИСТЕМ
Собранието на Република Македонија треба да има 90 пратеници, избрани според пропорционалниот изборен систем, во кој територијата на Република Македонија претставува една изборна едница.
Предлог листа за пратеници предложена од група граѓани (независна листа) се избираат без цензус.
Предлог листа предложена од една политичка партија, потребниот цензус за избор на пратеници е 3% од излезените гласачи.
Предлог листа предложена од две политички партии кои настапуваат како коалиција, потребниот цензус за избор на пратеници е 5% од излезените гласачи.
Предлог листа предложена од три или повеќе политички партии кои настапуваат како коалиција, потребниот цензус за избор на пратеници е 7% од излезените гласачи.
КАНДИДАТСКИТЕ ЛИСТИ
Тие се отворени, што значи дека избирачот освен што може да избира за која листа ќе гласа, ќе може да се изјасни и за кои кандидати на избраната листа ќе го даде својот глас.
Последното место на гласачкото ливче е резервирано за “Ниту еден од горе наведените”
Обработката на гласовите се прави според Вебстеровиот метод.