Треба да го погребеме комунизмот- еден од последните завети на Иван Михајлов

///

Пишува: Атанас Величков

Слика Прва

Имав 10-12 години (а може би и помалку) кога татко ми донесе дома еден барелјеф на Јане Сандански. Онаа позната негова слика потпрен на пушката, извајана од гипс на подлога од непознат за мене материјал. Како еден „правоверен“ ОМОвец, татко ми многу му се радуваше на тоа уметничко дело. Не се сеќавам, кој му го беше подарил или пак може би продал. Тоа не е ни важно за текот на приказната. Стариот го покажуваше на сите што ќе го посетеа нашиот скромен дом. Еден ден кај нас дома дојде еден постар човек дедо Асен Раклеов (знаете како е во село сите постари луѓе ти се дедовци и баби, а повозрасните чичковци и тетки). Седна дедо Асен во дворот на куќата, а татко ми со трчање отиде да го донесе барелјефот со Сандански. Дедо Асен го виде, но не остана воодушевен, напротив, искоментира нешто во стилот „мавни го таму овој кокошкар“ и додаде „За Македонија само Ванчо Михајлов“… Само Ванчо Михајлов! Не Ванче, како што некои Бугари од Стара Бугарија го нарекуваат, туку Ванчо. Цврсто и гордо! По ВМРОвски!

И претходно го имав слушнато името на последниот водач на ВМРО, но тогаш, за прв пат сум го слушнал во позитивна конотација. Нормално, како дете воспитано во македонистичка омраза кон Бугарија и Бугарите, тоа го сфатив многу подоцна.

Слика Втора

Пред 12-тина години, кога јас речиси со едната нога бев веќе тргнат на кај Темната страна, добив телефонско јавување од мајка ми. Таа со нескриена гордост ми соопшти дека излегла книга за моето родно село Крупник, напишана од кустосот на музејот во селото и поранешен учител по историја Крум Костов. Во книгата имало фотографија на нејзиниот дедо, мој прадедо Глиго Павлов во униформа на ВМРО. Мајка ми се разбира немаше поим што е тоа ВМРО, затоа нејзините зборови што цел живот ќе ги помнам беа: „Насе, излезнала е книга, дедо ти го има на снимка с комитска униформа, ќе ода до баба ти Лилја да вида…“. Јас само и реков да ја земе книгата и да ја фотокопира страната каде што се наоѓа фотографијата со дедо ми и следниот пат, кога ќе дојде да ме посети, да ми ја донесе.

После неколку месеци мајка ми дојде во Скопје и ми ја донесе фотокопираната страна со сликата. За прв пат го видов на слика мојот прадедо Глиго… во униформа на ВМРО, бил во селската милиција на Организацијата. Фотографијата според описот даден од авторот Крум Костов е направена во периодот 1923-1925 г. Почувствував неопислива гордост. За да биде симболиката уште поизразена таа фотографија е единствената, што ја имам со мојот дедо.

Слика Трета

Ванчо Михајлов во комитска униформа. Сликан најверојатно со пропагандни цели. Последниот лидер на ВМРО и мојот дедо носеле исти униформи. Се бореле за иста цел…

***



Идеалот на Ванчо Михајлов ќе го снема тогаш, кога ќе се упокои последниот Бугарин од Македонија. Тоа многу добро го знаат сите оние, кои во последните 2-3 дена ја покажаа својата болна омраза, кон овој беспорен бугарски патриот, кој сонувал за една поинаква Македонија. Македонија без придавки, додавки и одредници. Токму затоа, тие графоманите „антифашисти“ со фашистичка злоба се нафрлија врз ликот и делото на Михајлов. Децата на комунистичката чума, кои ги должат сите свои бенефити на истата смртоносна болест, решија дека се доволно подготвени и чисти, за да го кажат својот збор против „палачот“ Михајлов, со една многу цинична намера себе си да се претстават како жртви. Како потомство на обезглавена генерација. Генерација на климоглавци, кои за да добијат подобра позиција, биле подготвени да плукнат врз сè што е свето на овој свет, па што остана за еден политички емигрант во Рим.

Денес децата на климоглавците, ја облекуваат својата омраза кон Бугарија и Бугарите со некаков антифашизам. Пишуваат, зборуваат и антички и словенски и асномски Македонци. Пишуваат сите. Го бранат антифашизмот со фашистичко-комунистичко едноумие. Па собираат слики на Бугари што биле на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, додека ронат крокодилски солзи за Евреите депортирани во март 1943 г. од Вардарска Македонија. Лицемери, кои, како што прекрасно го напиша тоа почитуваната Никица Корубин, видовме сите, колку се мирољубиви кога во Куманово престојуваше еврејската верска група Лев Тахор.

Истите тие „антифашисти“ се плашат дури да прочитаат и ред за масакрот во Блајбург од 1945 г., за местото за егзекуции Тезно кај Марибор и масовниот гроб во рудникот Худа Јама. Тоа се забранети теми, дури полошо оправдани злосторства.

Михајлов соработувал со д-р Анте Павелиќ, се среќавал со шефот на 6-тата управа (надворешно-политичкото разузнавање ) на RSHA (Главната управа за безбедност на Рајхот) бригаденфирер (генерал-мајор) Валтер Шеленберг и замислете не бил ставен на ниту една црна листа за апсење или ликвидирање по крајот на Втората светска војна. Напротив, како што станува јасно од документи откриени од бугарскиот истражувач Л’чезар Тошев, Иван Михајлов бил помаган од висок претставник на американските безбедносни служби бугаринот со ЕВРЕЈСКО потекло Анџело Кујумџијски, инаку полковник во Управата на стратешките служби (претходник на ЦИА), раководена од блискиот до претседателот Френклин Делано Рузвелт, врвен разузнавач Вилијам „Дивиот Бил“ Донован.

Михајлов не ја споделува судбината на Адолф Ајхман (уапсен и однесен од Аргентина во Израел од специјален тим на МОСАД во пролетта на 1960). Дури никој не го прашал за успешниот атентат врз тиранинот, кралот Александар Караѓорѓевиќ, а сите знаеле дека успехот се должи на соработката меѓу хрватските Усташи и ВМРО. Прифатено било мислењето дека борбата на македонските Бугари е оправдана. Но следејќи ги глупостите што ги пишуваат децата на климоглавците, нивната жестина на вокабуларот, секој еден што не е упатен во материјата ќе си помисли дека Ванчо Михајлов е изрод од рангот на Ајхман или Јозеф Менгеле, кој меѓудругото по чудо не бил фатен од агентите на МОСАД и умира од инфаркт во 1979 г. во Бразил.

Михајлов живеел во Рим. Чуван од неколку безбедносни служби. Дали живеел конспиративно? Секако дека да, сепак тој не бил раководител на Културно уметничко друштво, туку на една од најголемите и најопасни организации во Европа. ВМРО!

Токму тоа ВМРО и неговиот последен лидер ќе ги прогонуваат децата на климоглавците, потсетувајќи ги за предавството на нивните татковци. Нема каде да се скријат од тоа. Внатре во нив е и ги јаде како болест, за која уште не е и нема да биде измислен лек.

Сосема за крај ќе ги цитирам зборовите на самиот Иван Михајлов кажани пред ќерката на Тодор Александров- Марија Коева: ТРЕБВА ДА ПОГРЕБЕМ КОМУНИЗМА!

Претходна статија

(Видео) Одбележуваме 88 години од смртта на подполковник Александар Морфов- автор на Маршот на македонските востаници „Изгреј зора на свободата“

Следна статија

Колев до Османи: Мој драг пријателе „антифашист“ ти го навреди Хасан Приштина

Најново од Истакнато