|

Стојаноски до Ковачевски: Зошто се плашите да побарате оставка од Мерко, а устите ви се полни со ЕУ

Јавноста е сведок на корупциски скандали продуцирани од ДУИ, а уште повеќе зачудува фактот што во СДСМ молчат и не смее ништо да изустат ако не им дозволат, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања. Тој укажа и на случајот со Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.

„Пред десеттина дена имаше одлука на Стејт департментот, со која Мерко беше ставен на црната листа, и тогаш излегува никој не е тука да објасни, ниту да побара оставка од Мерко. Немате храброст да побарате оставка од струшкиот градоначалник, се препелкате дека немате надлежност и оти го избрале граѓаните“, рече Стојаноски и го праша премиерот Димитар Ковачевски зошто се плаши да побара оставка од Рамиз Мерко, лице осомничено за криминал, а устите им се полни, како што рече, со ЕУ.

Стојаноски постави и две прашања до министерот за правда, Кренар Лога.

„Вие сте од Струга и верувам дека сте запознаени со случувањата во државава, како и во општина Струга. Оттука, првото прашање е дали ова што се случува во Македонија, особено во Струга, се европските вредности за кои влеговте во Владата и зошто не побарате одговорност од оние што не презеле ништо за шесте кривични пријави за Мерко. И второ прашање, дали како министер за правда верувате дека може да има непристрасен однос имајќи предвид дека во правосудството има партизација и дали ви е поважно да бидете дел од власта за доделување тендери или ви е важно тоа за што влеговте во Владата – европскиот пат“, праша Стојаноски.

Објасни и како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапи по промена на власта.
„Оние институции што ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ, а ќе може, ќе имаат надлежност да носат правда, ќе ги извади криминалците за уши, особено оние што 20 години управуваат со оваа држава и се заштитени како бели мечки“, рече Стојаноски.

Слични Објави