|

Струшката Итна помош застанала на кафе на барање на ќерката на пациентот кој лежел во комбето, Меџити сепак ќе бара одговорност

Министерот за здравство Фатмир Меџити ќе бара одговорност од Итната помош од Здравствениот дом Струга чии здравствени работници беа фотографирани како пијат кафе на бензинска станица додека пациентот во комбето ги чека со маска за дишење. Од Кабинетот на министерот за здравство Фатмир Меџити, за „Макфакс“ велат дека разговарале со сите засегнати страни, вклучително и ќерката на пациентот.

„Се работи за пациент кој во понеделникот беше испишан од болница и  требало да биде трансфериран во Општата болница Струга. Пациентот бил во терминална фаза од болеста. Тој и неговата ќерка тргнале сами, на нивно барање со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во Здравствениот дом Струга. Од таму обезбедиле возило кое за кратко пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала испиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко и бил свесен контактибилен во тек на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот. И покрај тоа што таа барала, не е дозволено застанување на Брзата помош на тој начин и Министерството за здравство покрена инспекциски надзор и побара изјаснување од страна на директорот на Здравствен дом Струга. По наодите ќе се преземат соодветни мерки“, велат од Кабинетот на министерот Меџити за „Макфакс“.

За овој случај вчера одговорност побара новинарка која на министерот Меџити му покажа фотографија од пациентот и Итната помош седната на кафе, а тој најави дека веднаш ќе го испита случајот и ќе преземе мерки.

Некои од медиумите денес јавија дека пациентот, кој бил болен од карцином, починал неколку дена откако бил пренесен во Струга, но Министерството за здравство не одговори на прашањето дали починал.

Слични Објави