СУДЕЊЕ ЗА „27 АПРИЛ“ – РУСКОВСКА: ГРУЕВСКИ КУКАВИЧКИ ИЗБЕГА КОГА ТРЕБАШЕ ДА СЕ СООЧИ СО ПРАВДАТА

Во кривичниот суд денеска се одржи судењето за евентуалните нарачатели за собраниските инциденти од 27 април 2017 година. Обвинителката Вилма Русковска кажа дека преку доказите ќе докаже дека тие се виновни.

На обвинителна клупа седнаа поранешниот претседател на собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски.

– Ќе слушнете како Јанакиески и Ристовски критичниот ден се јавувале по штабовите и организирале превоз до Скопје за поголема масовност на протестот и за влегување на народот во Собрание. Ќе ги слушнете пораките испратени до луѓето. Вратите ги отворија затоа што така им беше кажано од обвинетите, но и од нивниот лидер, Никола Груевски, кој толку сакаше да се соочи со народот на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега. Трајко Вељаноски постапи спротивно на деловникот на собранието, одби да се изврши промена на точките на дневен ред по барање на Оливер Спасовски кого го поддржуваа повеќе од 10 пратеника, но затоа не заборави да се допишува со Груевски. Дали Трајко Вељаноски се обиде да ги спаси пратениците, да го спречи лудилото одговорот е едноставен – НЕ. Не само што не направи ништо туку неговиот началник Горан Ѓошевски на групата предводена од Никола Митревски Кољо им помогна да стигнат во сала број 3 каде тогаш се наоѓаат пратениците од новото парламентарно мнозинство“, рече обвинителката Русковска во воведниот говор.

Обвинетата четворка пред судот кажа дека не чувствуваат вина за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

На наредното судење закажано за девети март и обвинетите ќе го кажат својот воведен говор. Тогаш за сведоци ќе бидат повикани техничкиот премиер Оливер Спасовски, но и Михалил Младеновски, кој беше обвинет за првиот дел од предметот, а потоа и амнестиран. Тој за време на неговиот распит при судењето го посочи Владимир Атанасовски како еден од нарачателите.

Извор: Алсат