| |

Амнезија и (или) амнестија!

„ Пред да одговориме зошто Груевски ме амнестира мене, треба да одговориме зошто Бранко ме амнестираше од 2002 до 2006-та?“ – Љубчо Георгиевски, интервју за Капитал (2011-та)

Интернет порталот „Поглед.мк“ пред неколку дена реобјавил интервју кое сум го правела со Љубчо Георгиевски за „Капитал“ во 2011-та година некоја недела пред распишувањето на тогашните предвремени парламентарни избори. Ова е веројатно по повод најавеното можно враќање на овој поранешен премиер во македонската политика (по којзнае кој пат), па овој медиум сака да го актуализира Георгиевски и некои негови ставови. Насловот на интервјуто е „Ќе си ја изедам дипломата ако Охридскиот рамковен е крај за барањата на Албанците“. Дипломата на Георгиевски е во солидна состојба, што не може да се каже и за Охридскиот, па претпоставувам дека овој аспект им бил најинтересен на колегите од „Поглед“ кога решиле да не’ потсетат на едно од за мене најинтересните интервјуа што сум ги правела во животот, пред се поради фактот што голем дел од нештата што тогаш тој ги „предвидел“ денеска гледаме дека се остварени, а потоа и поради неговата брутална искреност кога зборува за умрените идеали во македонската политика, заменети со суровата борба за власт, позиција и привилегии.

Токму затоа, за разлика од колегите, мене кога го препрочитав интервјуто, што низ годиниве сум го заборавила, другите поенти на Георгиевски ми останаа највпечатливи и тие не се однесуваат ни малку на меѓуетничките односи. Тие се однесуваат на односот на избраните (функционерите, политичарите) со државата и пред се’ со нејзиниот Буџет, но и на односот на Државата (правосудниот систем) со расчистувањето на нивниот криминал.

Два одговори на Георгиевски се дефиниција за овие односи. Прво, на прашањето околу сомневањата за тоа дека е „најтежок“ политичар кој најмногу профитирал низ транзицијата и на криминален начин стекнал богатство, тој одговара дека неговите бизниси се легални, но дека крајно лицемерно е да се очекува политичарите да бидат во политиката заради идеали, наместо заради бенефиции. Цитат:

„Најодговорно тврдам дека времето на идеалите и идеологијата во политиката одамна е завршено. Секој кој се бори за власт, дали е советник на локално ниво, директор на јавно претпријатие, или е министер или пратеник, сето тоа е една општа трка за бенефиции и привилегии. Јас тоа го кажувам најјасно и отворено. Секое политичко место носи бенефиции и за тоа се борат. Зошто кога се отворат изборните трки, дали за парламентарци или за советници, настануваат кланици внатре во партија? Зошто се турканиците? Па, внатре во партиите, кланиците за одредено место се трипати посериозни отколку да се борите против СДСМ или СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ. Од патриотизам или од идеолошки убедувања? Ма дајте!“

Понатаму, на прашањето, дали е точно дека танцува со Груевски и дека пазарот е Груевски да вети амнестија, а Георгиевски да одработи за него на изборите кои следат (предвремените, 2011-та, потсетете се сега ве молам на тие изборни резултати) тој вели:

„Знаете што? Пред да одговориме зошто Груевски ме амнестира мене, треба да одговориме зошто Бранко ме амнестираше во периодот од 2002-ра до 2006-та година!? Со години владеење имаше можност сите матни зделки да ги истражи и да ги процесира. Ако има амнестија од Груевски има и од Црвенковски“.

Какви одговори!

Македонската јавност неколку дена е згрозена од потезите од Мала Речица (а не помина ниту една недела откако Транспарентност Македонија објави за нелегалното финансирање на партијата). Само политички наивните можеа да веруваат дека со една  витална и активна половина од Режимот внатре во Владата, сконцентрирана во ликот и делото на ДУИ ние можеме да очекуваме сериозни реформи и закрепнување на општеството. Ниту можеме да очекуваме кадровски решенија кои би ги носеле промените, ниту пак санкции за функционери за кои јавна тајна е дека ги кршеле законите. Познати ни се биографиите на Рафиз Алити, или на Лазе Еленовски па јасно е незадоволството од нивното поставување. Но, онаа на Бардул Насуфи на пример не му е никому позната. Тоа  е новиот директор на Бирото за јавни набавки, човек за кој не сте слушнале, а за кого и партиските другари  велат дека се’ што знаат е оти бил близок на Рамиз Мерко. Доволен критериум за да раководи со една од најбитните државни институции, која добро знаете со што се занимава и колку е привлечна или што би рекол Љубчо – колкави привилегии носи.

ДУИ се алфа и омега на македонската политичка сцена во моментов. Никогаш немале послаб изборен резултат, а никогаш не биле фактички помоќни. Од ДУИ зависи дали ќе имаме Влада или парламентарното мнозинство ќе се распадне како кула од карти туркајќи ја земјата во нова политичка криза. Всушност, Македонија и во моментов е во страшна политичка криза, сама по себе. Ова е една корумпирана и киднапирана политичка игра во која Ахмети си ги користи петте минути најдобро што може. Како да знае дека после ова ќе нема политичко утре за него. Затоа не требаат многу филозофии или шокирања од потезите на омилениот коалициски партнер на Груевски, без разлика дали тие доаѓаат во форма на театралните удари под појас од Бујар Османи или на кадрите со кои треба да се занимаваат обвинители, наместо граѓаните. Дотука е јасно се’.

Она што оттука натаму не е јасно е –  зошто и премиерот Зоран Заев и неговото потесно и пошироко опкружување не можат да се одлепат од политичките камелеони, па гледаме решенија како ова последново – рехабилитација на министерот од „грујово време“ Глигор Ташковиќ. Токму СДСМ во 2010-та на прес –конференција објави кривична пријава која извесен британски инвеститор ја поднел против Ташковиќ (и Ферки Демировски, негов подреден) за наводна измама. Нели е во најмала мерка чудно партијата која обвинувала и собирала политички поени за наводен криминал, да ги зема по секоја цена при себе како кадри кои живот значат, оние, обвинетите!? (медиумите тогаш пишуваа дека и Ташковиќ поднел тужба за клевета за СДСМ, демантирајќи ги наводите).СДСМ заборава на своите сопствени прес-конференции… Или, уште поверојатно  – смета дека ние сме заборавиле.

Македонската политика е истоштена и ветва. Нејзиниот најголем пораз можеби не се овие потези на лидерите, за кои најслатки соработници секогаш биле и ќе бидат докажани политички профитери и полтрони, колку што е фактот што таа одамна не само што не е атрактивна, туку е и срамна и понижувачка за луѓето кои се чесни, способни и кои вредат и надвор од партиските мерачи на квалитет. Овие одлуки само го потврдуваат Љубчо Георгиевски. Тепачката во политиката никогаш не била ниту од идеологија, ниту од идеали. Тоа е чиста и сурова борба за власт и позиции, за привилегии и пари. Државни пари. Резултат на партиски комбинаторики, уцени, закани и притисоци. Коалициски и такви надвор од белата и грда барокна зграда.

Денеска ги нема ниту Груевски, ниту Црвенковски. Амнезија кај некого веќе има, но многумина никогаш нема да може да заборават низ што поминаа во последниве десет, дваесет, дваесет и пет години. Конечно, Македонија памти. Затоа, кога гледаме како без проблем се заборава на валканите игри без граници на пониските ешалони низ годиниве, па сега тие луѓе ни се нудат како незаменливи стручњаци, клучното прашање од кое зависат сите понатамошни текови и целиот развој на македонското општество е  – (ќе) има ли и голема амнестија?

Автор: Катарина Синадиновска/ Капитал

Слични Објави