Судијата кој доби повеќе чкртаници отколку гласови поднесе оставка од Судскиот совет за син му да добие шанса да стане судија
Врховниот судија Наке Георгиев, избран за член на Судскиот совет, наместо заклетва во Собранието, даде оставка пред колегите. Ова за „Макфакс“ го потврдуваат од Советот.
На ваков чекор се одлучил бидејќи денеска ова тело треба да гласа дали синот на Георгиев ќе биде избран за судија. Но, Законот за судовите не дозволува за судија да биде избрано лице што е во сродство по прва линија со член на Советот.
Георгиев е тазе избран за член на Судскиот совет. Тој беше единствен кандидат од Врховниот суд. На гласањето тој доби повеќе чкртаници и неважечки гласачки ливчиња отколку гласови. На гласањето излегоа 13 лица, меѓу кои е и тој самиот, а глас за него дадоа шест. Тој е избран како единствен кандидат, а со оглед дека нема законски одредби со кои се бара цензус.
Тој требаше денеска да даде свечена изјава во Собранието. Но, бидејќи поднесе оставка, таму треба да се појави само судијката Антоанета Димовска.