| |

Светосавска академија – во пресрет на уште една демонстрација на “српскиот свет”

Facebook статус на Никица Корубин

Дали одговорот на едно едноставно прашање, може да ја објасни проектираната реалност кај нас: на кој начин Србија е поблиска од било кој друг сосед на Македонија – надвор од СФРЈ – во културолошка, историска, етничка, етнолошка, религиозна, цивилизациска, економска, политичка смисла? Која е ексклузивната допирна точка пред времето на СФРЈ, различна од допирната точка со другите соседни народи и држави, за да може да се примени терминот “братски народ”? Кој е критериумот за “братството”: словенството, христијанството или југословенството? Или пак античката историја и предисторијата?

По сите критериуми, имаме уште многу “браќа” околу нас, па не велиме за Бугарите, Грците или Албанците “братски народ”. А, ако навлеземе подлабински, во финесите и историјата – од обичаи, начин на живот, традиција, храна, комуникации, трговија, архитектура, културно наследство – “братството” vis a vis Србија само ќе бледнее. И кој во оваа релација инсистира на “братство”, ние или Србите – како политички наратив? Кому и за што е потребно “братството”?

А, за одговорот се чини не мора многу да чекаме. Веројатно ќе го добиеме во многу експлицитна форма и оваа година, на државната прослава на српскиот национален празник, раѓањето на Растко Немањиќ, односно Свети Сава, која од одбележување на празник на Србите во Северна Македонија, се претвора во државна прослава од највисок ранг и со највисоки почести. Дека нели “братски народ”. Ако биде како изминатите години, “братството” од нивна страна брзо ќе добие лик на хегемонија, најпрво културна и црковна, која потоа непречено и со одушевување ќе биде прифатена од “македонските патриоти”.

Па, во име на уште една прослава на “Стара Србија” и “српските средновековни манастири” за кои веќе се снимени цели документарни серијали; ќе биде убаво и полезно за сите присутни високи политички претставници и останати влијателни личности од “македонскиот естаблишмент”, кои инаку ревносно го бранат македонскиот идентитет (од Бугарија, Грција и Албанците) во секоја друга прилика; да ја слушнат и другата страна, онаа фактографската на “политичко-историските” наративи со кои ќе бидат соочени. Во Скопје во Северна Македонија, а не во Скопље во Стара Србија, да нема забуна.

Охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, кој бил на чело на Охридската Архиепископија во времето на Свети Сава, дава толку прецизен и сликовит приказ на монахот Сава (Растко Немањиќ), син на српскиот голем жупан, кој незаконски и неканонски присвојува три диецези од Охридската Архиепископија, за да ја формира српската црква, која ја добил од Никеја, а не од Константинопол; експлицитни и дури напати и непримерни за свет човек кој е и темел на српската историја. Но, историјата е прашање на факти, а не на допадливост, а особено од наша позиција на македонската историја, кои уште во 13 век сме биле “оштетената страна” од српските средновековни власти. Братски.

Па, вели вака Хоматијан, гневен за поведението на монахот Сава: “Со тоа што некаде на друго место е хиротонисан го прекршил канонското право и бесправно завлегол во домен на друг епископ. Тирански го избркал законскиот епископ призренски и на негово место поставил свој човек. Охридскиот архиепископ е легитимен наследник на Prima Justiniana, која во 535 ја основал императорот Јустинијан”.

Ова, се разбира, се само историски реминисценции и немаат врска со односи помеѓу две соседни современи држави и нивните граѓани, се’ додека едната страна “братски” не ја наметнува само својата “вистина”, кај нас и пред нас. А, бидејќи политиката, како и историјата е прашање на знаење и контекст; кој би бил контекстот на инсистирање на “братството” од страна на Србија односно српската идеја и идеологија на чист шовинизам и хегемонизам, вешто вклучен при прослава на национален празник, со големо значење за нив? А, уште поинтересно прашање е – на ниво на феномен – која е потребата за свесно и поданичко, молчешкум прифаќање од наша страна, на нивната верзија на историјата за нашата земја?

И затоа нема потреба да не’ плашат со “србизација”, затоа што не може двојно да се србизира, нешто што веќе еднаш е “србизирано”. А, тоа сигурно не се граѓаните додека слушаат српска музика или гледаат српски телевизии, туку тоа номинално и примарно се “естаблишментот и елитите”, кои (не)свесно, (не)образовано и (не)намерно, толерираат, практикуваат и поттикнуваат пристрасност кон “еден” сосед и антагонизам кон сите “други” соседи. На различни нивоа и во различни форми, во кои забавните програми, се најбаналната форма на пропаганда, која патем речено е и личен избор. Но, присуството на официјални лица и влијателни личности, на парада на “српскиот свет” на сред Скопје, е колективно потчинување. Доброволна “србизација”.

И затоа доблесно е да ја задржиме колективната самопочит и гордост, да го честитаме празникот на сите Срби, наши сограѓани, и да го потсетиме нашиот “естаблишмент”, дека можеби нивната “љубов” кон “српскиот свет” е прашање на перцепција и лична позиција; но така поставена директно го субјективизира и разобличува цел наводен концепт за “одбрана на македонскиот идентитет”. Што преведено во политичка смисла означува свесно блокирање на државата, три децении, преку сатанизирање на сите останати соседи.

А, во меѓувреме, нашите “елити” во чест на најголемиот српски светец, кој пред 8 века се борел за својот народ, да се свртат кон себе си и сопствената контемплативност, во духот на себедекларираното христијанство и во сопствената осама, како Свети Сава на Света Гора, “кој бил обземен со љубов за сопствената земја”, да се запрашаат дали е ова најдоброто што можат да го направат тие за сопствените граѓани и сопствената земја?



Слични Објави