|

Светска метеоролошка организација: Секој месец се уриваат температурни рекорди

Временската шема на Ел Нино почна да слабее, но ќе продолжи да поттикнува натпросечни температури ширум светот, објави Светската метеоролошка организација.

Ел Нино е природен временски феномен поврзан со нарушување на шемите на ветерот што значи потопли температури на површината на океаните во источниот и централниот дел на Пацификот. Ел Нино, кој се јавува во просек на секои две до седум години, обично трае од девет до 12 месеци и може да предизвика екстремни временски настани како што се шумски пожари, тропски циклони и долги суши.

Портпаролката на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис, вчера изјави дека Ел Нино го достигнал врвот во декември и дека ќе биде меѓу петте најсилни досега. „Сега постепено слабее, но очигледно ќе продолжи да влијае на глобалната клима во наредните месеци. Очекуваме температури над нормалните во наредните месеци, помеѓу март и мај, и генерално во повеќето копнени области“, им рече таа на новинарите во Женева.

Во посебна изјава, генералниот секретар на Светската метеоролошка организација Селест Сауло рече дека Ел Нино делумно придонел за неодамнешните рекордни температури.

„Секој месец од јуни 2023 година поставува нов месечен температурен рекорд, а 2023 година беше убедливо најтоплата година досега“, рече Сауло во соопштението.

„Ел Нино придонесе за овие рекордни температури, но стакленички гасови кои ја заробуваат топлината се очигледно главниот виновник“.

СМО соопшти дека има околу 60 отсто шанси Ел Нино да опстојува од март до мај и 80 отсто шанси за неутрални услови од април до јуни.

Постои можност Ла Нина, временска шема која се карактеризира со невообичаено ниски температури во Тихиот Океан, да се развие подоцна во текот на годината, но изгледите остануваат неизвесни, соопшти СМО.

Слични Објави