Тагарев од Одеса: Бугарија би можела да започне со трансфер на оклопна борбена опрема за Украина уште оваа есен
Бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев на заедничка прес-конференција со неговиот украински колега Олексеј Резников во Одеса изјави дека Бугарија може да започне со трансфер на оклопна борбена опрема за Украина уште оваа есен, пренесе новинската агенција УНИАН.
Според Тагарев, станува збор за 100 оклопни транспортери од советски тип кои се уште се наоѓаат во магацините на бугарското МВР.
„Ова донекаде го одложува процесот во врска со фактот дека мора да се потпише договор меѓу Министерството за внатрешни работи на Бугарија и Министерството за одбрана на Украина. Овој договор мора да биде ратификуван од нашиот парламент. Парламентот ќе продолжи со работа во септември, мислам дека тоа ќе биде една од приоритетните задачи. А до крајот на септември – почетокот на октомври веќе ќе имаме ратификација на овој договор и мислам дека тогаш може да започне трансферот (на опремата)“, ја цитира УНИАН изјавата на министерот Тагарев.
Тој додаде дека Бугарија ја поддржува Украина во нејзиното барање за прием во НАТО по забрзана процедура, објави Укринформ.
„Во процесот на подготовка на самитот во Вилнус, Бугарија го поддржа овој предлог онолку колку што дозволуваат околностите, бидејќи за влез во НАТО треба да престанат воените активности“, рече Тагарев.
„Го поддржуваме финалниот документ од самитот во Вилнус за Украина“, рече министерот.
„Што се однесува до акцискиот план, можеме да кажеме дека од неколку чекори преминавме на само еден чекор за пристапување на Украина во НАТО“, додаде Тагарев.
Според него, штом војната заврши, Украина треба да има многу јасна и брза перспектива за приклучување кон Алијансата.
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, пак, истакна дека тој и Тагарев разговарале за актуелната ситуација, вклучително и во регионот Азовско-Црно Море, како и за идната соработка во повеќе области.
Резников изјави дека Бугарија ќе му помогне на Киев во деминирањето на Црното Море.
„Со бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев веќе разговаравме за прашањето за деминирање на Црното Море… Овој проблем е заеднички предизвик за четирите црноморски земји – Украина, Бугарија, Турција и Романија“, рече украинскиот министер.
За ова прашање Тагарев неодамна разговарал со неговиот романски колега Ангел Талвар, додаде Резников.
Тагарев, од своја страна, нагласи дека деминирањето на Црното Море е важна задача за бугарската морнарица и дека во моментов се врши мониторинг за присуство на мини во бугарските територијални води.
„Сега разговараме за зајакнување на соработката меѓу земјите, како и за прашањето како да се осигураме дека по завршувањето на војната главните поморски комуникациски патишта ќе бидат исчистени од мини и ќе бидат безбедни“, посочи бугарскиот министер.

