| |

Тажна вест: Почина познатата бугарска режисерка Маријана Евстатиева-Биолчева

Синоќа почина познатата бугарска режисерка Маријана Евстатиева-Биолчева. За нејзината смрт соопшти нејзиниот сопруг проф. д-р Бојан Биолчев. Погребот ќе се изврши во сабота во црквата „Свети Седмочиселници“ во 13 часот и 30 минути, јавува БГНЕС.

Маријана Евстатиева-Биолчева студирала филмска и телевизиска режија на Филмското училиште во Лодз, Полска.

Дебитира како режисер во документарното кино. Уште со своите први филмови покажала интерес кон светот на децата, кој потоа го префрлила во играните филмови. Нејзиниот циклус едукативни филмови „Го сакаме киното“ (1968) е своевидна студија за тоа како децата го доживуваат киното. Дебитираше во играниот филм со „Тигарот“ (1973) по сценарио на Васил Акјов, потоа следат „Мигови во кутија за кибрит“ (1979) со сребрена награда од МКФ Москва’79 и „Златен Лачено“ од МКФ-Авелино, Италија’81.

Нејзината филмографија е полна со љубов и препознатливост: „Кражба во жолто“ (1981), базирана на книжевното дело на Павел Вежинов „Инцидент на тивката улица“, со „Сребрен Лачено“ на Меѓународниот филмски фестивал Авелино’83, Италија и наградата од публиката на 14-тиот фестивал во Хихон, Шпанија’81; „Ѓаволско оружје“ (1982), по сценарио на Бојан Биолчев, со „Сребрен Лачено“ во Авелино, Италија ’83, „Горе на цреша“ (1984), „Барајќи маж за мама“ (1985) со Сребрен медал од МКФ Москва’85 и награда од МКФ Алансон’87, Франција, „Амиго Ернесто“ (1986), „Внукот странец“ (1989) според делото „Младиот Англичанец“ од Вилхелм Хауф, пишува БНТ. .

За телевизијата ги снимала филмовите „Отров во изворот“ (1985), „Не ми се плеткај во нозете“ (1987) со „Златна ракла“ и наградата Интервизија од Меѓународниот телевизиски филмски фестивал во Пловдив 1988. „Здраво, бабо“ (1991), новелата за деца „Свадбата“ (1997) и сериите „Сината ламба“ (1974), „Збогум, љубов“ (1975), „Мажи без мустаќи“ (1989), „Мил бато – Писмата на еден дакел“ (2001), „Принцот и питачот“ (2005).



Слични Објави