| |

Театри од РС Македонија, Бугарија, Хрватска и Србија ќе се претстават на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ во Куманово

Многубројна публика ја проследи театарската претстава „Синиот портокал“, во изведба на Театарот од Велес, со која вчеравечер во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово беше отворен Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченото отворање на Фестивалот, кој оваа година бележи 26 години од формирањето, се обрати пред љубителите на комедијата и рече: „Од идејата на создавачите до остварувањата на нивните следбеници, вложени се многу љубов и посветеност за тој да прерасне во еден од најпопуларните фестивали во државава, а сепак да биде препознатлив и уникатен“.

„Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност, преку еден од најспецифичните жанрови – комедијата, да ја негуваат и да ја развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука, во градот на безвременското ремек-дело ’Бегалка‘ од Васил Иљоски и неговата Ленче Кумановче, кои се синоним и препознатлив белег на Куманово“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Министерството за култура останува партнер и традиционален поддржувач на овој фестивал кој со својата долговечност дава особен придонес кон развојот на македонската култура и културното живеење. На репертоарот на 26. издание на Фестивалот се 11 театарски комедии во изведба на македонски театри и на театри од Србија, Хрватска и од Бугарија. Од минатата година, Фестивалот има натпреварувачки карактер, а ќе се натпреваруваат 10 театарски претстави.

Годинашeн лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ е истакнатиот македонски режисер и актер Коле Ангеловски.

 



Слични Објави