|

Техничката влада мора да остане, вели Филипче и најавува користење на сите демократски механизми

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче порача дека техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите механизми за да не се укине. Филипче на денешната прес-конференција, наведе низа аргуметни, зошто мора да остане техничката влада.

„Ако целокупниот механизам, начин на владеење е само една имитација на механизмот со кој што владееше Никола Груевски до 2016 година, кога сите институции беа узурпирани од него лично, од негови блиски луѓе, од партиски луѓе, сега е истиот систем.Тогаш обвинители, судии од тефтерче. Сега повторно исти луѓе за судии, обвинители и премиер Христијан Мицкоски, кој што најавува со чувства како треба да работат судиите и обвинителите. Ваков притисок судството досега нема видено. Ова го нема во ниту една европска држава“, рече Филипче.

Тој додаде дека еден од клучните сектори, Министерството за внатрешни работи, власта веќе брутално го депрофесионализира и партизира.

„Закон за полиција, врз основа на којшто е изготвен нов Закон за полиција, донесен во Собранието, на којшто имавме сугестии не се прифатени и врз основа на тој закон, нова систематизација со која што се укинува кариерниот напредок и со кој што министерот за внатрешни работи со дискреционо право ќе може да назначува свои луѓе кои што не ги исполнуваат досегашните критериуми за напредок во службата. На тој начин Министерството за внатрешни работи, целата полиција ќе се депрофесионализира, а само брутално ќе се партизира“, рече Филипче.

Дополнително, Филипче укажа дека нема заштитни механизми за податоците од снимките од Сејф сити системот.

„Не знаеме кој ги чува, на кои начин се складираат и како се користат сите информации од тој систем, и дали тој систем евентуално имајќи ја предвид историјата на ВМРО-ДПМНЕ со злоупотреба на безбедносните служби, прислушкувањето, разговорите кои што цела држава ги слушаше, сега повторно нема да се злоупотреби и да се пратат членови на опозицијата“, рече Филипче.

Како дел од аргументите зошто не треба да се укине техничката влада, Филипче го посочи и поставувањето на новиот директор на Националниот јавен сервис МТВ, за којшто рече дека е човек близок до премиерот Мицкоски, што е уште еден удар врз слободата и демократијата на медиумите.

Слични Објави