| |

Технички премиер или (пост)изборна порака?

Facebook статус на Никица Корубин

Праксата партократските вратоломии да се земаат “здраво за готово” и да се нормализираат преку дебата за финесите, а не дебата за суштинскиот парадокс, е еден од најголемите адути на нашата “јавност”. И во таа “јавност” ќе биде исправно она што таа ќе каже, преку “своите медиуми и аналитичари” дека е исправно, а не затоа што фактички е исправно.

Па, така никому не е чудно и нелогично што претседателот на собранието, инаку уставно со највисока функција, а практично и со двојна функција како “заменик” на претседателот на државата; по “партиски налог” на три месеци пред “лидерски договорени” избори, кои едвај ги “пикнаа” во редовен термин, ќе си даде дупла оставка (од претседател на собранието и од пратеник), и ќе чека да биде избран на драстично пониска функција, технички премиер. Ако ова не е дефиниција за политикантски парадокс, да не кажам пародија, не знам што е.

Но не, тоа се перцепира како вообичаен практичен политички потег или дури суверено право на партијата да прави што сака. Односно, таа перцепција се креира и пласира. Тоа во пракса би значело, дека со оставката на овој пратеник, функцијата пратеник на еден ден или еден месец ќе ја врши следниот на листата, за да може да се реализира операцијата “гласот на народот”, или попрецизно “албанофобија на дело”. Тоа што ќе биде реализирано од страна на Албанци, нека не ве залажува, партискиот договор и “железни порти отвара”. Па, нели партијата е над се’?

Па, така “јавноста” откако 2-3 месеци не’ занимава со егзистенцијалната потреба од двојни избори и конспиративните теории кои одеа од распонот на страшното дека “Албанците ќе завладеат со државата”, па до пострашното дека “Албанците ќе завладеат со државата во вонредна состојба”; дојдовме до ефектуирање на стравот и негово апсорбирање од системот: еден Албанец помалку. На главните функции. Како инаку да се протолкува “недостатокот” на кадри за обавување на техничка функција, премиер, па едно лице мора да ротира по функциите и суштински да го маргинализира системот на државата?

Но, со оставката на овој пратеник и актуелен претседател, заминува и единствениот од “тројството функции” кој беше во Украина како знак на солидарност на земја членка на НАТО; заминува претседателот на собранието кој ги водеше уставните измени за името, исклучително значајна седница за иднината и опстанокот на државата како, а ја започна и седницата за уставните измени за внесување на Бугарите во уставот, која се’ уште не е завршена. И која нашата партократија во “страстен” сојуз со “јавноста” веќе неколку месеци ја “поклопува” со секакви итрини.

Но, овие “финти и итрини” освен што ја “разводнуваат и дерогираат” суштината на политичкиот систем и уставното уредување, односно го сведуваат на “партиска воља” над се’; го отвораат прашањето и за доминантниот наратив во моментов и контролата над него: ако “стравот” е од Албанците и можноста тие да обавуваат во еден момент повеќе клучни функции од Македонците; тогаш моќта воопшто не е кај нив, туку токму спротивно, кај Македонците да ги “разместуваат” функциите по потреба. Зошто инаку, некој доброволно би се откажал од највисоката и директно од граѓаните, овластена и избрана функција, пратеник? Па, уште претседател на собранието. На кого се “додворуваат” Албанците, на Македонците, на креаторите на албанофобскиот наратив, или на поделбата на “национализмите” и контролата над истите?

Нема логика? Има, ама логика на “заробување и контрола на системот”. Во која нашата партократија, гледа чекор понапред: што по изборите и поважно со кого по изборите? Иако, најважното константно го прескокнуваат, уставните измени, реалноста ќе ги врати на нив. Без разлика дали претседателот на собранието е Македонец или Албанец.

А, во меѓувреме македонските партии може да бидат мирни, задржано е “водството”, 2 спрема 1, ја спасија државата, албанофобијата се исплати, квази-национализмот е на цена, а највеќе партиската послушност и партократската власт. Се здружија повторно, позицијата и опозицијата во легитимирање на наративот, и во ефективноста на изумите. Секој со своето, за своите. И откривме ли конечно кој е всушност патриотот, кој е албанофобот, кој смее да биде Македонец, а кој Албанец? Кој сака ЕУ, а кој не?



Слични Објави