| |

Тематска дебата на СДА Македонија: Северна Македонија помеѓу европската интеграција и “Српскиот свет”

Странката на демократска акција на Македонија (СДА Македонија), вчера во Скопје, организираше тематска дебата на тема „Северна Македонија помеѓу европската интеграција и „Српскиот свет““, јавува Цивилмедија.

Претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, беше домаќин, модератор и воведничар на дебатата. На настанот учествуваа Никица Корубин, поранешен пратеник и колумнист; Роберт Алаѓозовски, критичар и поранешен министер за култура; проф. д-р Ана Чупеска, претседателка на Советот на СДСМ; Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ и главен уредник на ЦИВИЛ Медиа; Џабир Доко, генерален секретар на Партијата за движење на Турците (ТХП); и Петрит Сарачини, активист и новинар.

Во фокусот на дебатата беа блокираниот европски пат на Северна Македонија и последиците од изолационистичките политики врз државата. Учесниците разговараа и за влијанието на политичкиот концепт „Српски свет“ врз Северна Македонија и регионот, како и за актуелната општествена криза во која се наоѓа земјата.

Беше оценето дека членството во Европската Унија останува стратешки интерес на Република Северна Македонија. Воедно, беше истакнато дека концептот „Српски свет“ е во спротивност со демократските вредности, интересите на државите од регионот, како и со политиките на Европската Унија, Соединетите Американски Држави и демократската јавност во Србија. Учесниците оценија дека неговото влијание во регионот им оди во прилог на геополитичките интереси на Русија и Кина.

Заклучокот од дебатата е дека Република Северна Македонија треба доследно да се посвети на своите стратешки цели – европската интеграција, демократскиот развој и економскиот напредок – како единствен одржлив пат за надминување на актуелната општествена криза.



Слични Објави