Тенорот со светска слава Благој Нацоски вечерва со соло рецитал во МОБ
На сцената на Македонската опера и балет вечерва (13 април) со почеток во 20 часот, македонскиот тенор со светска репутација Благој Нацоски, кој оваа година одбележува 15 години меѓународна кариера, ќе одржи соло рецитал.
На целовечерниот рецитал насловен „Сонце и љубов“, на кој во пијано придружба ќе настапи Јанинка Невчева, ќе бидат изведени 20 соло песни од Винченцо Белини, Џоакино Росини, Џакомо Пучини, Франческо Паоло Тости, Рејналдо Хан и Бенџамин Бритн.
„Во сите соло песни ќе преовладуваат токму љубовта и сонцето, односно со претежно весел карактер, кој буди оптимизам кај слушателот. Циклусот ‘Венеција’ од Рејналдо Хан, ќе биде изведен за првпат во Македонија“, нагласуваат организаторите на концертот.
Благој Нацоски е еден од најафирмираните македонски тенори во меѓународни рамки. Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската опера, како прв Македонец што настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет, во Неапол, Парма, Трст, Џенова, Сасари, Минхен, Франкфурт, Штутгарт Брисел, Торонто, Сиетл, Токио и на многу други места.
