| |

ТИТО КАКО ПРОЕКЦИЈА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Ние, раните повоени генерации доцна чувме за Гоце Делчев. Сакам да кажам дека не било отсекогаш вака како денес, немало кавга за тоа “чиј е Гоце“ ниту некој некогаш, од мојата генерација помислил дека Гоце Делчев ќе биде еден од базните камени на македонската државност. Во тие повоени времиња нас, децата од училиштата ширум Македонија, тогаш “слободна, народна и социјалистичка“ не тераа да пееме дека “ние македонците, Тито си го сакаме“ и дека во нашите борби за слобода покрај другарот Лазо (Колишевски) , “Темпо ни е најмилиот брат“. Такви беа песните за деца. Додуша, некои и се сеќаваа на Гоце Делчев и го споменуваа, но некако млако и срамежливо, да не биде многу гласно и јасно. Над него, се до некаде 1955 година стоеше стигмата на колишевизмот дека се работи за некаков бугарски или архибугарски националист кој, навистина, се борел против турците, но за интересите на Бугарија и таму некаде далечната, сеуште тогаш, а бога ми и сега, “фашистичка“ Софија. Подоцна Колишевски ја попушти јамката од вратот на “бугаринот Гоце“ и почнавме да го славиме, сѐ почесто, сѐ позабрзано и со сѐ посилен интензитет. Тито си остана на пиедесталот како највисок и единствен творец на македонската државност, место кое и до денеска го зазема во главите на некои македонци, некако оспоруван од некои современи историчари, политичари и анлитичари. Сепак, оспоруван е млако и “нежно“, онака како што Гоце беше “величан“ до некаде на почетокот на педесетите години. Во современата македонска историја двајцата “родоначалници“ се испреплетуваат и си ги менуваат местата и заслугите, како бескрајо досадна промена на кадрите во некој нискобуџетен филм. Ќе опстојат ли и двајцата? Се сомневам…тие не одат никако заедно!

“Фашизам“ е омилениот збор на македонските историчари и политичари. Тој најчесто се ползува кога со него се именуваат бугарските политичари, македонските револуционери од десницата, а неретко и целиот бугарски народ. За грците го имаат терминот “монархофашизам“, ама сега, по Преспа, тој термин се употребува ретко. Во Македонија најчесто се употребува за Ванчо Михајлов и за михајловистите како движење, но прославената Комисија МКД-БГ уште не стигнала до тоа да утврди чиј е Ванчо, па следствено на тоа, кои се “фашистите во нашите редови“. Меѓутоа, таквите епитети воопшто не кореспондираат до меѓународната ситуација во Европа. Имено, Советот на Европа има донесено две значајни декларации; едната во 1996 година/мерки за рушењена тоталитарниот комунизам/ и втората во 2006 /осудување на тоталитарниот комунизам/ година.   Декларациите се преведени на сите европски јазици, но јас никаде не можев да ги најдам на македонски, барем не на интернет. Со националсоцијализмот како режим, светот завршува со Нирнбершкиот процес и нивните одлуки се до денес важечки и актуелни. Декларациите се чисти, јасни и таксативни и никаде не може да се наиде на терминот “фашизам“. Едноставно, нема осуда на фашизмот како општествен систем, а за злосторствата сторени во негово име се бара поединечна или групна одговорност, но не и морална/или како државност/  одговорност на системот “фашизам“. Треба да се знае дека за декларацијата за осуда на комунизмот во ПАСЕ, од делегациите од цела Европа, не гласаше само македонската делегација, или некој од делегатите, сеедно…тогаш беше времето на Бранко Црвенковски и неговата камарила!

Еден ден тие декларации ќе треба да ги потпишеме и тогаш ќе почне преразгледувањето на “времето на Тито и Колишевски“ и осудата на нивниот безкрупулозен болшевизам. Тоа ќе биде генерална осуда на нивното владеење. Како “македонец“, се надевам дека ќе ги победиме “бугарите“ и ќе им го земеме Гоце Делчев. Тогаш ќе се отвори прашањето како тие двајца ќе опстанат еден покрај друг. До сега можеше да има споменици и на едниот и на другиот, но по потпишувањето на документите во ПАСЕ, комунистот Тито нема да може да опстане покрај “бугарскиот и македонски“ револуционер Гоце. Што ќе правиме со гимназиите кои го носат името на Тито, дали ќе ги преименуваме во Гоце Делчев, или направо ќе им ставиме бројки како обележје. Во дворот на скопската гимназија со титовото име, има повеќе бисти на Тито, отколку во неговиот роден Кумровец, или во Белград.

Бугарите можеме да ги победиме, барем така си мислам, или, што е најсигурно, да ги прелажеме некако, онака “по братски“ како што сме правеле повеќепати. Ќе ја прелажеме и Европа, тие на нас гледаат како петно од мастило на основец, случајно паднато на нивната карта. Прашањето е дали ќе успееме да го прелажеме Гоце!

Автор: Владимир Перев



Слични Објави