| |

ТИТО МЕЃУ ЗАХАРИЕВА И ЛЕЉАК…

Кој е па сега овој Лељак, ќе се запраша читателот. Нормално, сите знаат за Тито од уште пред да се родени (се однесува на по младата генерација) а бога ми, сега некои и научија која е Захариева. Сега да видиме кој е Лељак.

Се вика Роман Лељак, роден е во Словенија во 1964 година, а по професија е воен контраразузнавач, има завршено воена гимназија на ЈНА а потоа оди на специјален курс за разузнавачки и контраразузнавачки операции во центарот на ЈНА во Панчево, Србија. Работи како професионален удбаш и како и сите удбаши е наклонет кон коруптивни и криминални дејствија, па заради тоа и одлежува во затвор некаде во средината не деведесетите години. Но, криминалот не е негова основна задача. Тој работи на разоткривање на колективните гробници на хрватите и словенците во периодот кон крајот на Втората светска војна, учеството на тогавашните воени команданти и политички комесари-комунисти, а најмногу на личното учество на Јосип Броз Тито во егзекуцијата на противниците на комунизмот во тогашна Југославија. Ете, зато е непознат кај нас, бидејќи “ние Македонците Тито си го сакаме“ како што велат бројните крилатици и песни од крајот на војната па се до денес. Сепак, некои други се интересуваат за него, Хрвати, Словенци но и Бугарите, каде даде интервју за БГНЕС, агенција на македонецот (или бугаринот, како кој ќе реши) Љубчо Нешков.

Во својата кариера најголем успех постигнува со документарниот филм “Худа Јама-строго чувана тајна“ во кој се говори за масовно стрелање на противници на комунизмот во рудникот Худа Јама. Меѓу стреланите има и бремени жени и деца, а некои се и живи заѕидани во, тогаш и сега затворениот рудник. Но не е само тоа. Српските и југословенизираните комунисти се обидуваат да вметнат синдром на колективна вина врз хрватскиот народ, обвинувајќи го за ѕверствата извршени во хрватско-усташкиот логор Јасеновац за време на Втората светска војна. Постоењето на логорот никој не го негира, ниту пак ѕверствата сторени таму, но клучната битка се води околу бројката на загинатите. Српските историчари, на пример Владимир Дедијер тврдат дека таму се убиени од 750 000 до 1 100 00 илјади жртви, хрватскиот председател и историчар, генералот Фрањо Туѓман и Лељак тврдат дека бројкта се движи некаде во разумните граници од околу најмногу 30 до 40 илјади жртви.

Во западните делови на ексјугославија сите слушнале за местото Блајбург и за масакрот што југословенската УДБ-а и тогашната југословенска армија го вршат кон колоните цивили кои бегаат од “титовиот рај“ кон Австрија, но во источните делови, Србија, Црна гора и Македонија за тоа малку се знае. Имено, пред падот на Германија, огромни колони бегалци, претежно хрвати, словенци и припадници на кралското четничко движење, бегаат кон Австрија. Таму се пречекани од британската окупациона армија, собрани се на едно место и принудени да се вратат назад, кон Југославија и сопствената смрт. Местото на повраток се вика Крижен пат и таму се убиени непозната бројка цивили, жени и деца, но се знае дека не се убиени по малку од 350 илјади. Се споменува и бројка до 700 илјади души, заедно цивили, жени, деца, четници и усташи. Лељак вели, во своите истражувања, дека таму присуствувал и Тито и дека и тој лично се “справувал со класниот непријател“. Иначе во СФРЈ за тоа најчесто тихомолком се споменуваше како “најголемата услуга која Черчил му ја направил на својот пријател Тито“…во тоа сите веруваа а и историјата подоцна покажа дека злосторниците секогаш добро соработуваат и си вршат услуги.

Лељак сигурно не се интересирал за македонските масовни гробници. Иначе, можеше да ни раскаже интересни приказни со неговиот достап до информации. Најдобро би било за македонските леви, социјални и социјалистички сили, што побрзо да го решат прашањето за пресушувањето на Преспанското езеро. Ако водата премногу се повлече, ќе се откријат скелетите на невино апсените и стрелани македонски патриоти и фрлени како храна на рибите во Преспа. Месото е изедено, ама многуте коски на мртовците се сочувани во длабочините на тињата под езерските води. Што си мислите, како се градел патот преку Галичица, како се градела вилата на Лазо Колишевски крај езерото, која фирма тоа го правела? Се знае, тоа биле политичките затвореници, вмровците, албанците и по некој прозападно ориентиран наивник! Тито и Лазо им го најдоа крајот на своите политички неистомисленици, па сега Захариева ни е крива, што ни открива дека основоположниците на нашата државност, биле де факто, проверени и потврдени злосторници. Но, Господ бил со нив, починаа пред ние да сакаме да станеме европјани, иначе сега би биле судени!

Мислам дека Лељак по природата на работите се среќавал со Тито, барем како член на некоја удбашка делегација за неговите родендени. Сигурен сум дека Захариева не се познавала и не се среќавала нито си Тито, нито со Лељак…сигурно се среќавала со некои други, или читала нешто повеќе. Бугарите се познати и како љубители на книгата, а сега и како љубители на интернетот.
Стариот виц за мрзеливите црногорци вели дека, ако во селото некој петел пее премногу рано, тие го колат петелот и потоа целото село прави гозба…просто, не сакаат да се будат рано.

Захариева (па и тој Лељак) се оние кои сакаат да не разбудат од седумдесет годишниот опоен сон. Не се овде за да “ги заколеме“, а веќе ја немаме ни таа сила. Сега сме само една мала, сиромашна и речи си загубена земја низ европските пространства. Време е да се пробудиме и да го ослушнеме пулсот на новото време и гласовите на вистинските пријатели.

Автор: Владимир Перев



Слични Објави