Тошо Дончев: Бугарската заедница во Унгарија е мала по бројност, но голема во духовна смисла
Писателот и социолог Тошо Ангелов Дончев е еден од најистакнатите чувари на историската меморија на бугарската заедница во Унгарија, чии корени се поврзани со бугарските градинари што се населиле во Будимпешта пред повеќе од еден век, пишува Радио Бугарија.
Дончев е роден во Будимпешта во 1944 година, за време на Втората светска војна, а неговото семејство потекнува од селото Драганово, Великотрновско, познато како „село на градинари и поети“. „Потеклото ми е од Драганово, но сум роден во Будимпешта. Сакам да кажам дека тоа е најголемиот бугарски град, бидејќи името ‘пешта’ е со бугарско-словенско потекло“, вели тој.
Во текот на кариерата бил директор на Бугарскиот културен дом, претседател на Бугарската републиканска самоуправа и државен секретар, раководејќи со Управата за национални и етнички малцинства во унгарската влада. Учествувал и во работата на Тркалезната маса на етничките малцинства, од која произлегол Законот за националните и етничките малцинства во Унгарија во 1993 година.
Неговите најрани спомени се поврзани со храмот „Св. св. Кирил и Методиј“ во Будимпешта, каде што секоја недела одел со татко му. Поради војната и бомбардирањата, бил крстен дома од бугарски свештеник. „Свештеникот дојде дома и ме крсти во еден леген. Потоа нè однесоа во храмот. Израснав како православен Бугарин“, раскажува Дончев.
Денес црквата, училиштето, детската градинка, културниот дом и научноистражувачкиот институт се сместени во заеднички комплекс. Според Дончев, обединувањето започнало при посетата на цар Симеон Втори на Унгарија, кога бил поставен камен-темелникот на новата зграда.
Бугарскиот културно-образовен центар бил осветен и отворен во присуство на претседателите Румен Радев и Тамаш Шујок. Бугарските самоуправи добиваат субвенции од унгарската држава, додека Друштвото на Бугарите во Унгарија може да аплицира за проекти пред унгарски фондации.
„Бугарската заедница во Унгарија е мала по бројност, но е исклучително сплотена и, во духовна смисла, многу голема“, цитира Дончев оценка на поранешен унгарски државен службеник.
