|

Трамп и Си ќе се сретнат следната недела во рамките на азиската турнеја на американскиот претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп следната недела ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг во рамките на својата обиколка низ Азија, соопшти Белата куќа, пренесува БНР. Средбата ќе се одржи во Јужна Кореја, каде што ќе се организира форумот за Азијско-тихоокеанска економска соработка (APEC).

Претседателот Си Џинпинг исто така ќе пристигне во Сеул, а двете страни ќе разговараат во четврток, во време на зголемени тензии меѓу САД и Кина во трговската сфера. Пекинг неодамна воведе построги ограничувања за извозот на реткоземни елементи, на што Трамп одговори со закани за зголемување на царините и воведување дополнителни мерки. Сепак, во последните денови американскиот лидер изрази оптимизам дека може да се постигне нова трговска спогодба со Кина.

Претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе-мјон, ќе има одделни средби со Трамп и Си, потврди советникот за национална безбедност на претседателската палата. Според него, со низа дипломатски настани Сеул се стреми да промовира консензус за мир, стабилност и напредок во регионот.

Се очекува Трамп и Ли да разговараат за американските царини, прашања на безбедноста и потенцијалното билатерална трговска спогодба, иако постојат значителни разлики во поглед на корејските инвестиции. Лидерите ќе дискутираат и за ситуацијата со Северна Кореја, која останува клучна тема за регионалната стабилност.

Пред посетата на Јужна Кореја, Трамп ќе престојува во Малезија за самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (ASEAN), а потоа ќе отпатува во Јапонија, каде што ќе се сретне со новиот премиер Санае Такаичи.

Слични Објави