|

Трамп и Стармер најавија заеднички напори за решавање на глобалните кризи и ново технолошко партнерство

Американскиот претседател Доналд Трамп и британскиот премиер Киер Стармер на заедничка прес-конференција изјавија дека имаат најдобра волја што поскоро да придонесат за решавање на големите кризи во светот, како што се војните во Газа и Украина.

Претходно, двајцата државници за време на средба со бизнис лидери потпишаа ново технолошко партнерство за засилување на соработката во областа на вештачката интелигенција, квантните пресметки и нуклеарната енергија.

Според премиерот Стармер, договорот ќе донесе „потоци од милијарди во двете насоки преку Атлантикот“ и ќе значи инвестиции што ќе го подобрат животот на илјадници работници во Обединетото Кралство. Станува збор за 150 милијарди фунти и 7.600 високо-квалификувани работни места.

Во завршниот ден од својата државна посета на Велика Британија, Трамп беше гостин на Стармер во премиерската резиденција „Чекерс“ – историска зграда постара за 200 години од самите САД.

На заедничката прес-конференција, што ја означи и кулминацијата на посетата, двајцата лидери уште еднаш ја истакнаа уникатната врска меѓу САД и Британија, кои се партнери не само во одбраната и трговијата, туку отсега и во науката и технологијата.

Стармер подвлече дека работат активно за мир на Блискиот Исток и во Украина, при што посочи дека со последните потези рускиот претседател Владимир Путин покажал дека не е лидер кој се стреми кон мир.

Трамп, пак, истакна дека САД и Велика Британија сториле повеќе добро од која било друга комбинација на две нации во светот, но предупреди дека кога има војна „никогаш не можеш да бидеш сигурен во ништо“.

На прашањето за можно признавање на Палестина како држава, Стармер изјави дека тоа е дел од поширокиот пакет кој ги опфаќа мирот, заложниците и гладот во Газа. Доналд Трамп, пак, забележа дека ова е едно од ретките прашања по кои тој и Стармер имаат различни ставови.



Слични Објави