Трамп ја обвини Русија дека и помага на Северна Кореја да ги заобиколи меѓународните санкции
Русија и помага на Северна Кореја да ги заобиколи меѓународните санкции. Ова го изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
“Русија воопшто не ни помага со Севена Кореја. Она во што Кина ни помага, Русија го растура. Со други зборови, Русија компензира она што Кина го прави”, рече американскиот државен глава во интервју за Reuters.
И Русија и Кина ја потпишаа последната резолуција на Советот за безбедност на ОН за новите санкции против Северна Кореја. Руската амбасада во Вашингтон не ја коментираше изјавата на Трамп.
“Би разговарал со Ким Чен Ун, но не сум сигурен дека тоа ќе го реши проблемот”, објаснува американскиот претседател, истакнувајќи дека преговорите на неговите претходници со Северна Кореја не успеале да го запрат развојот на нуклеарната програма на земјата. Трамп ги обвинува Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама поради тоа што не успеале да се справат со кризата.
Трамп наведува дека проблематичната ситуација со Пјонгјанг може да се реши “мирно, но тоа може да стане и невозможно”.
Американскиот претседател ја пофали Кина за напорите да ја ограничи испораката на нафта и јаглен до Северна Кореја, но наведува дека Пекинг може да направи уште многу за да го скроти режимот на Ким Чен Ун.

