|

ТРАМП ЈА УКИНА ДРЖАВНАТА ПОМОШ ЗА ПРОМЕНА НА ПОЛОТ ВО САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп донесе одлука, која несомнено ќе биде поддржана од неговата изборна база во конзервативните и религиозните кругови.Тој одлучи да ја укине државната поддршка за ЛГБТ популацијата во здравствениот систем, којашто ја воспостави неговиот претходник Барак Обама.

Американскиот секретаријат за здравство оцени дека новите правила ќе спречат „сексуална дискриминација во согласност со изворното биолошко значење на терминот пол“, објави АП. ЛГБТ организациите потсетуваат дека недвосмислена заштита е неопходна за лицата на кои им е потребна клиничка промена на полот, како и на трансродовите лица на кои им треба третман за чести заболувања како што се дијабетес или кардиоваскуларни заболувања.

Многу конзервативци ја поддржуваат одлуката на Трамп, тврдејќи дека политиката на Обама кон ЛГБТ популацијата и пристапот до здравствениот систем им ја одзема на лекарите слободата да донесуваат одлуки во согласност со нивната совест, доколку веруваат дека интервенцијата се коси со нивните морални принципи или сметаат дека е штетна и неадекватна за некој пациент.

Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, демократката Нанси Пелоси, остро возврати.

„Религиозните слободи не смеат да бидат изговор за омраза и ароганција, затоа што секој Американец има право да побара и да добие соодветна медицинска помош без заплашување и притисок“, истакна Пелоси/Макфакс.

Слични Објави