Трамп најави можен состанок со Путин и Зеленски по средбата во Алјаска
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека планира втора рунда разговори со рускиот лидер Владимир Путин, веднаш по нивната средба во Алјаска во петок – овојпат со учество и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува БГНЕС.
Состанокот меѓу Трамп и Путин, закажан за 15 август, ќе биде првата средба на рускиот лидер со актуелен американски претседател од 2021 година.
„Ако првата средба помине добро, ќе имаме и втора,“ изјави Трамп, додавајќи дека би сакал таа да се одржи „речиси веднаш“ и дека ќе биде краток состанок со Зеленски, „ако тие сакаат да присуствувам“.
Разговорите доаѓаат во момент кога Трамп се обидува да посредува за крај на речиси тригодишната војна во Украина, додека Зеленски и европските сојузници го повикуваат да инсистира на прекин на огнот. Одлуката Зеленски да не биде поканет на самитот во Алјаска предизвика загриженост дека Трамп и Путин би можеле да постигнат договор кој ќе значи болни отстапки за Украина.
Трамп предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу тешки последици“ ако Путин не се согласи да ја заврши војната, без да открие детали. Тој повеќепати за време на кампањата во 2024 година вети дека ќе стави крај на војната уште првиот ден од неговиот мандат, но досега има мал напредок во посредувањето за мир.
Иако се закани со „секундарни санкции“ кон трговските партнери на Русија, рокот за нивно воведување истече минатата недела без конкретни мерки.
Американскиот лидер откри дека имал „многу добар разговор“ со европските лидери, вклучително и со Зеленски. „Би го оценил со 10 од 10 – многу, многу пријателски,“ изјави тој на настан во Кенеди центарот во Вашингтон.

