|

Трамп: Путин направи грешка кога влезе во Украина

Поранешниот претседател Доналд Трамп даде интервју за Си-Ен-Ен само еден ден откако поротата на Менхетен утврди дека тој сексуално ја нападнал Е. Џин Керол во соблекувалната на луксузна стоковна куќа во 1996 година.

Трамп одби да признае дека изгубил на претседателските избори во 2020 година, наместо тоа ги повтори тврдењата дека изборите биле наместени.

Тој не сакаше да одговори и дали смета дека рускиот претседател Владимир Путин е воен злосторник во контекст на руската војна во Украина.

Рече дека тоа е нешто што „треба да се разговара подоцна“. Сепак, призна дека мисли дека „Путин направи грешка“.

„Ако кажете дека е воен злосторник, ќе биде многу потешко да се склучи договор за да се запре оваа работа. Ако е воен злосторник, луѓето ќе го грабнат и ќе го погубат, тој ќе се бори многу посилно отколку што тоа го прави под други околности. Тоа е нешто за што ќе разговараме подоцна“, најави тој.

„Неговата грешка беше што влезе внатре. Тој никогаш немаше да влезе ако јас бев претседател“, продолжи Трамп, мислејќи на руската инвазија на Украина. Трамп не даде јасен одговор на прашањето дали сака Русија или Украина да ја добијат војната. „Не размислувам за победа и пораз. Размислувам како тоа да се реши за да престанеме да ги убиваме сите тие луѓе“, рече тој.

Кога новинарката го праша по вторпат дали сака да победи Украина или не, Трамп сè уште не сакаше директно да одговори, наместо тоа рече дека сака „сите да престанат да умираат“. „Руси и Украинци, сакам да престанат да умираат. И ќе го сторам тоа за 24 часа… Ќе го кажам ова – сакам Европа да инвестира повеќе пари“, посочи тој.

На прашањето зошто понел со себе доверливи документи по напуштањето на Белата куќа, поранешниот претседател Доналд Трамп рече дека „имал сите права според Законот за претседателски записи“.

„Бев таму и го зедов тоа што го зедов и ќе биде декласифицирано. Имав целосно право да го сторам тоа, не го криев. Знаете, кутиите беа поставени надвор од Белата куќа, луѓето ги фотографираа“, одговори тој.

Слични Објави