Вучиќ и Додик занемеа по апсењето на нивниот „голем пријател“ Мадуро
Светската јавност ја коментира најновата воена операција на САД во Венецуела, при која американските сили го приведоа претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга. Во таков контекст, изненадува молкот на двајцата негови најгласни европски поддржувачи – Милорад Додик и Александар Вучиќ, пишува БГНЕС.
До неодамна, Вучиќ јавно го нарекуваше Мадуро „голем пријател на Србија“, а српската влада испрати и официјална делегација на неговата инаугурација во Каракас. Додик, пак, со години го истакнуваше своето пријателство со Мадуро, кого го претставуваше како сојузник на Владимир Путин, додека истовремено јавно ја поддржуваше политиката на Доналд Трамп.
По операцијата што Трамп ја оцени како „блескава“ и по апсењето на Мадуро, и Додик и Вучиќ речиси целосно исчезнаа од јавниот дискурс. Нема реакции на социјалните мрежи, ниту официјални соопштенија, иако претходно двајцата редовно коментираа речиси секој потег на Трамп, потсетува Klix.
Единствената изјава на Вучиќ беше крајно воздржана: „Се надевам дека ситуацијата во Јужна Америка ќе се смири и нападите врз Венецуела ќе престанат.“ Без осуда и без поддршка. Додик, кој порано не штедеше пофалби за Мадуро, засега целосно молчи.
Оваа ситуација отвора суштинско прашање: дали Додик и Вучиќ ќе продолжат да ги бранат своите поранешни „пријатели“ или ќе избегнат каква било критика кон САД и Трамп, стравувајќи од последиците на најавените американски санкции против корумпирани политичари и соработници на наркокартели на Западен Балкан.
Пораката од Вашингтон е јасна – САД покажуваат подготвеност да реагираат остро кон оние што се поврзуваат со противниците на Трамп. Во такви околности, Вучиќ и Додик, некогаш меѓу најгласните поддржувачи, денес очигледно го избираат молкот.

