| |

Трамп: САД ќе го „преземат управувањето“ со Венецуела по апсењето на Николас Мадуро

Соединетите Американски Држави ќе го „преземат управувањето“ со Венецуела сè до спроведувањето на „безбеден“ политички преод. Ова го изјави претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод ударите врз Венецуела и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, јавува БГНЕС.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја оцени како успешна операцијата што доведе до апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и нагласи дека за време на дејствијата не загинал ниту еден американски војник и не била изгубена американска воена опрема.

„Ако го видовте она што јас го видов синоќа, ќе останевте многу импресионирани. Не сум сигурен дали некогаш ќе го видите тоа, но беше нешто неверојатно – ниту еден американски војник не загина и ниту едно парче американска опрема не беше изгубено“, изјави Трамп на прес-конференција во резиденцијата Мар-а-Лаго во Јужна Флорида.

Тој прецизираше дека во операцијата биле ангажирани значителни воени ресурси. „Располагавме со многу хеликоптери, многу авиони и исклучително многу луѓе вклучени во оваа операција“, изјави претседателот.

Трамп, исто така изјави дека ќе им дозволи на американските нафтени компании да влезат во Венецуела и да ги разработуваат нејзините огромни резерви на сурова нафта по воената операција на САД што доведе до апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро.

„Ќе им дозволиме на нашите многу големи американски нафтени компании – најголемите во светот – да влезат, да инвестираат милијарди долари, да ја поправат силно разрушената инфраструктура, нафтената инфраструктура, и да започнат да носат приходи за земјата“, изјави Трамп на прес-конференција во резиденцијата Мар-а-Лаго во Јужна Флорида.

Слични Објави