Трамп: САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина со оружје и муниција
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да соработуваат со Украина во обезбедувањето оружје и муниција, вклучувајќи системи „Патриот“, со цел нејзина одбрана од руските напади, пренесува БГНЕС.
„Тие („Патриот“) ќе им бидат потребни за одбрана. Не сакам да гледам како луѓе се убиваат… Ќе им треба нешто, затоа што се удирани прилично силно… Да, можеме да разгледаме дополнителна испорака“, нагласи Трамп, одговарајќи на новинарско прашање дали САД планираат да испратат уште системи.
Тој посочи дека ова прашање било тема на негов телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 јули. „Им помагавме и ќе продолжиме да им помагаме. Ситуацијата е доста тешка. Ќе видиме како ќе се развива понатаму“, рече Трамп.
Трамп исто така потсети дека бил исклучително незадоволен од неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. „Изгледа дека тој сака да оди до крај и едноставно да убива луѓе. Не сум задоволен од тоа“, изјави Трамп.

