|

Трамп се сретна со катарските лидери за време на престојот на базата Ал Удеид – разговори за мирот во Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со емирoт и премиерот на Катар – клучни сојузници во одржувањето на кревкото примирје во Појасот Газа – за време на кратко запирање за полнење гориво на претседателскиот авион Air Force One на базата Ал Удеид, која претставува регионален штаб на американската војска, јави АФП, пренесува БГНЕС.

Трамп изјави дека двајцата катарски лидери одиграле „решавачка улога“ во мировниот процес на Блискиот Исток, додавајќи дека премиерот шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани е негов „пријател низ целиот свет“. На средбата присуствувал и државниот секретар Марко Рубио, кој неодамна ја посети Израел како дел од дипломатските напори на Вашингтон за зачувување на примирјето.

Ова е првата посета на Трамп на Азија откако се врати во Белата куќа во јануари. Во неговата агенда се предвидени два регионални форума и неколку средби на највисоко ниво, меѓу кои и состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Катар останува клучен посредник во индиректните преговори меѓу Израел и Хамас и е еден од гарантите на примирјето заедно со САД, Египет и Турција. Минатата недела, емиратот шеик Тамим бин Хамад Ал Тани го прими турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да ги разгледаат следните чекори – создавање на безбедносни сили во Газа и иднината на движењето Хамас.

Премиерот на Катар има централна улога во преговорите уште од почетокот на војната што започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Слични Објави