Трамп: Си Џинпинг знае какви ќе бидат последиците ако Кина го нападне Тајван
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека кинескиот лидер Си Џинпинг е свесен за последиците доколку Кина изврши воена интервенција врз Тајван, но одби да прецизира дали САД би го заштитиле островот. Изјавата Трамп ја даде во интервју за CBS News, пренесува БГНЕС.
На прашањето дали би испратил американски сили во случај Пекинг да започне напад врз Тајван, Трамп одговори:
„Ќе разберете, ако тоа се случи, а тој знае каков е одговорот.“
Претседателот додаде дека кинеските раководители „знаат какви ќе бидат последиците“, но не наведе конкретни детали за можните чекори на Вашингтон.

