| |

Трамп во Давос: „САД се економскиот мотор на планетата, Европа не оди во вистинска насока“

Американскиот претседател Доналд Трамп го започна својот говор на Светскиот економски форум во Давос со зборовите: „Прекрасно е да се вратам во убавиот Давос и да им се придружам на толку многу бизнис-лидери, толку многу пријатели, неколку непријатели и сите истакнати гости“, пренесува БГНЕС.

Тој изјави дека ја сака Европа, но смета дека „таа не оди во вистинската насока“, додавајќи дека негови пријатели „веќе не препознаваат многу од нивните градови“, во алузија на миграцијата. Трамп ги нарече САД „економскиот мотор на планетата“ и нагласи: „Кога Америка просперира, целиот свет просперира. Така било секогаш“.

Американскиот претседател повтори и ставови од стратегијата за национална безбедност на САД, според која Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и ѝ е потребна помош за да „ја коригира сегашната траекторија“.

Тој изрази задоволство од напорите за блокирање на проекти за обновлива енергија во САД и ја критикуваше „конвенционалната мудрост“ во Вашингтон и европските престолнини, која, според него, довела до „зголемени државни трошоци, неконтролирана масовна миграција и бескраен увоз од странство“.

Трамп се осврна и на Латинска Америка, велејќи: „Венецуела ќе се справи фантастично“, и ја пофали соработката со владата во Каракас, наведувајќи дека големите нафтени компании го поддржуваат планот за оживување на нафтената индустрија.

„Тука, во Европа, ја видовме судбината што радикалната левица се обиде да ѝ ја наметне на Америка“, изјави тој, критикувајќи ги енергетските политики и цените во Германија и Велика Британија и тврдејќи дека Европа сама ги ограничила своите економски можности во обидот да ги намали емисиите на стакленички гасови.

Слични Објави