Travel Off Path го вброи Пловдив меѓу скриените историски бисери на Европа
Пловдив е вброен меѓу четирите европски градови кои нудат богато историско наследство без големите туристички гужви карактеристични за Рим и Атина, според американскиот туристички портал „Travel Off Path“. На листата се и Ним во Франција, Евора во Португалија и Мерида во Шпанија, јавува БГНЕС.
Вториот по големина град во Бугарија порталот го опишува како „простран музеј на отворено“, во кој се испреплетуваат грчко-римски урнатини, византиски цркви, османлиски џамии и куќи од периодот на Бугарската преродба.
Меѓу најпознатите знаменитости се Античкиот театар со обновените мермерни седишта и реконструираната сцена, која и денес се користи за театарски претстави и концерти.
Како значајна атракција е посочен и Римскиот стадион, сместен под главната пешачка улица во градот. Објектот бил изграден во почетокот на вториот век од нашата ера, за време на владеењето на римскиот император Адријан.
Посебно внимание е посветено и на Небет Тепе, каде што се зачувани траги од халколитска населба и утврдувања кои низ вековите биле градени и обновувани од Тракијците, Римјаните, Византијците и средновековните владетели.
Порталот го опишува Пловдив како „чиста, автентична и видливо древна историја“, нагласувајќи дека во градот се испреплетуваат илјадници години историско наследство.
На листата е и францускиот град Ним, познат по околу 2.000 години старата римска арена, која е исклучително добро зачувана и сè уште се користи за големи настани и концерти.
Меѓу најважните споменици во Ним е и „Maison Carrée“, римски храм од почетокот на првиот век, како и блискиот Пон ди Гар – монументален римски аквадукт на три нивоа над реката Гардон.
Евора во Португалија е издвоена по речиси 2.000 години стариот римски храм, еден од најдобро зачуваните антички споменици во земјата. Иако често се нарекува Храмот на Дијана, археолозите го поврзуваат со императорски култ, најверојатно со императорот Август.
Во непосредна близина се наоѓа и катедралата во Евора, изградена во романско-готски стил од розов гранит, со готски манастирски комплекс и покривна тераса со поглед кон градот.
Четвртиот град на листата е Мерида во западна Шпанија, основана во 25 година пред нашата ера за ветерани од Кантабриските војни, во времето на императорот Август.
Мерида е позната по еден од најдобро зачуваните римски театри, како и по Пуенте Романо – долг гранитен мост преку реката Гвадијана. Во близина се наоѓа и Алказаба, исламска тврдина изградена во 835 година со употреба на делови од постари римски и визиготски градби.
