|

Тренчевска: Препораките од тимот експерти на МОТ ќе придонесат за унапредување на процесите во државата во областа на трудот

Економско-социјалниот совет денес ја одржа 14-тата седница, на која, покрај претставници на членовите на ЕСС, редовно присуствуваат и претставници на нерепрезентативните синдикати.

Оваа седница имаше цел презентација на препораките и заклучоците на тимот експерти од Меѓународната организација на трудот (МОТ) и експерт за слобода на здружување, известува МТСП.

Во рамките на мисијата за директен контакт, тимот експерти во текот на неколкудневната посета на земјата оствари серија состаноци со државни институции, претставници на синдикатите, работодавците, Државниот инспекторат на трудот, правобранителот, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и други организации што работат во областа на трудот.

Целта на состаноците беше да се согледа примената на Конвенцијата за правото на организирање и колективно договарање, 1949 година (бр. 98) од страна на Република Северна Македонија во закон и пракса, идентификување на предизвиците и поддршка во примената на препораките на Комитетот за примена на стандардите.

Еден од заклучоците на тимот експерти е дека Република Северна Македонија е една од малкуте земји што ги има ратификувано сите конвенции за слобода на здружување и колективно договарање. МОТ останува поддржувач на земјата во понатамошните процеси, како зајакнување на социјалниот дијалог, колективното договарање и при носењето реформи во областа на трудот, вклучително и новиот Закон за работните односи, се наведува во соопштението на МТСП.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како претседавач на Економско-социјалниот совет се заблагодари на тимот експерти за нивната посветена работа и изрази увереност дека донесените препораки ќе придонесат за унапредување на процесите во областа на трудот.

Притоа додаде дека Владата како и досега ќе продолжи со одржување на социјалниот дијалог во државата и се осврна на нејзината улога на флексибилен партнер помеѓу претставниците на работодавците и работниците со цел успешно решавање на важни економски и социјални прашања во државата, од кои се засегнати сите граѓани.



Слични Објави