Точки на прекршување
Facebook статус на Никица Корубин
Политичката сцена кај нас е промената, иако за тоа се’ уште не се свесни политичките партии, не само затоа што светот е променет, туку затоа што нивното (не)разбирање на политиката е надминато. А, со самото тоа и веќе непотребно. Бидејќи свесно одбиваат сите изминати години, најпрво да ја почитуваат, пред воопшто да се занимаваат со политика. Наместо тоа одбраа да “почитуваат” други. Извршители наместо креатори.
Во таква суштински променета, а појавно се’ уште невидлива, политичка сцена, а во пресрет на претседателските, а потоа и парламентарните избори; сигурно секојдневно ги притиска прашањето: која порака, идеја и визија, која веќе целосно не ја погазиле, уништиле и компромитирале ќе ја испратат до граѓаните? Иако, визија тешко дека било кога имале, потрошениот кредибилитет, ниту една декларативна порака (ние сме за ЕУ) и формална идеја (владеење на правото), не може да ги спаси.
Да ги спаси од одговорите кои секој сериозен политичар мора да ги даде за точките, односно темите кои постојат, и покрај нивното целосно игнорирање или во најмала рака, свесно манипулирање. Темите од кои секоја партија бега. Кои се тие точки на прекршување, кои ќе го одредат текот на политиката, а со тоа и на функционалноста на државата, во периодот што следи пред нас?
ПРВАТА точка е “Отворен Балкан”. Освен што е “работен наслов” за наводна економска иницијатива за “поврзување на регионот” (таа магична флоскула за покривање), всушност е еден од параваните за деценискиот (на целиот 20 век), хегемонистички план за “српскиот свет”, инфилтриран и “легитимиран” преку историјата, културата, црквата, па се’ до политиката, а преку главната оска на поврзување: територијата. И тука се разбира влегува точката на топење на формалната секуларност на Македонија, врските, бенефитите и протекционизмот врз МПЦ-ОА, на било која македонска политичка партија, од лево, преку центар до десно. Про-форма кажана, “идеолошка” провиниенција. И затоа како многу блиски до религијата, изненадува молкот за упадот, директно во државата, од едната од скриените форми на Отворен Балкан, религијата. Поведението и односот на власта (јавните функционери) и опозицијата кон постоењето, ефектите и последиците од Отворен Балкан, нашето однесување како држава, молкот и цензурата за истиот, говори дека ова прашање ќе мора да добие јасни и концизни одговори, како една од точките на прекршување.
ВТОРАТА точка е “одбраната на идентитетот”, со двоен работен наслов “Никогаш Северна/НЕ за Бугарите во уставот”, со јасна траекторија “Бугарија е непријател, а клетите Грци по потреба”. За чие одржување на наративот, за воља на вистината наследен и сега надграден, сите македонски политички партии, без исклучок, вложија максимални напори, преку флагрантна и дилетатнска, но опасна наводна “одбрана на идентитетот” и замена на тези, да ги влошат односите со земји членки на ЕУ и партнери во НАТО. Без намера, да се минимизира, поведението на Бугарија; кај нас никој и никогаш не даде јасен одговор, зошто се брани идентитетот (ако сме доволно свесни за него), кој идентитет се брани (кој федеративен историски наратив), и кој точно тој идентитет го брани (научници, институти, факултети, академија, поединци)?
А, уште помалку некој даде, или пак побара одговор, кои тоа членови на Комисијата за историски прашања (и со Бугарија, но и со Грција) се квалификуваа (со дела, а не со “врски” и задача) да влезат во тие комисии? А, уште помалку било кој сите овие години даде одговор за судбината на Времената спогодба, за текот на преговорите со ОН за преговорите, за очекуваното калкуланство, кое резултираше со евидентен застој и статус-кво ситуација, се’ до 2019 година. Оттогаш е се’ јасно. А, особено квалификувањето на Преспанскиот договор, дури и од неговите “креатори” и потписници, како “можеше и подобро” потпишан договор. Влог за идните кочења? И затоа секој политички актер, при декларативните и реторички повторувања, ќе треба јасно и концизно да го каже својот став, за Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, како историски и политички предуслов за постоење на државата, без криење зад “одбраната на идентитетот”.
ТРЕТАТА точка на прекршување е Косово и случувањата во Косово, со работен наслов “Албанците ни ја уништија и превземаа државата”. Тема од која се бега како “ѓавол од темјан” (за нашите партиски верници). Не “на Косово”, бидејќи тоа е држава, а не територија, и не “Косово и Метохија”, бидејќи ние за разлика од Србија, ја имаме признаено независноста на Косово, што го подразбира и неговиот територијален интегритет, и не го третираме како регион во рамките на друга држава. На страна што како земја членка на НАТО, директно сме задолжени и за неговата безбедност и целовитост. Во оваа точка се прекршува и копирањето на стандардната партиска матрица и кај албанските политички партии. Пресликана од поведението на македонските политички партии (традиционално и очигледно “србофилски”). На големо изненадување на граѓаните.
Но, тука се прекршува и открива целиот modus operandi на политичката сцена и партиски живот. Нарачано, реализирано и водено. Зависноста наместо самостојноста, очигледно доминира. Од кого? Тоа е прашањето кое само ќе се наметне, кога ќе почнат да се добиваат одговорите на претходните точки на прекршување. Прашањето на Косово е всушност прашањето и за доброволната, а не принудна (каква што со години ни се претставува) имплементација на Охридскиот договор, но и прашањето за една од омилените теми “мултиетничко општество”, неговата суштественост за сметка на неговата појавност со шмек на чист шовинизам (“имам еден пријател Албанец”). И таа албанофобија е сеприсутна во сите македонски партии, без исклучок. И за таа своја глума, која ја проектираат на јавноста, ќе треба да дадат одговор. Јасен и концизен, кој е ставот во однос на Охридскиот договор, состојбата во Косово, граѓансксите права како институционалност, а не подарок од Македонците.
И ова се точките на прекршување, темелот врз кој се градела БЈРМ до 2019 година и темелот врз која ќе ја градиме Северна Македонија. И ако до неодамна биле избрани, узурпирани и злоупотребени, како теми на прекршување за одржување на состојба на нестабилност; сега мора да бидат точки на помирување и стабилност. Помирување дека и покрај сите опструкции, што ги направија политичките актери на политичкиот живот, постои независна држава Северна Македонија. И дека таа држава сама си ги определува приоритетите, идентитетот, интересите на граѓаните и функционирањето на општеството. И сама проценува која е опасноста. Без инфилтрација и без инструментализација. Ги имаме партнерите од ЕУ и НАТО. Уште да ги слушнеме одговорите на нашите политички актери. Повелете, сцената е ваша, кога изборите ви се на ум: како ја позиционирате Северна Македонија, по сите од овие прашања, како наша држава или како ваша задача?