ТРИУМФОТ РЕКА!
Поминаа неколку дена од претседателските избори, кои според резултатите не завршија, туку се поминува во втор круг, кој треба да покаже кој ќе ја добие функцијата претседател на државата.
Сепак, овие избори влегоа во историјата. Де јуре не, но де факто излезе победникот, триумфираше г. Блерим Река и албанската опозиција. Сосема неочекувано за оние кои не веруваа, за оние кои сакаат да ги наследат министерствата, државата и власта со 100-годишна концесија.
Мора да потсетиме дека другите двајца кандидати, иако влегоа во втората фаза за да ја продолжат својата битка, беа поддржани од електорати кои требаше да им обезбедат апсолутна победа уште во првиот круг. А, г. Река беше кандидат поддржан од албанската опозиција, којашто освен посветеноста кон народот немаше никаква власт како понуда!
Кандидатот Пендаровски дојде како предлог, односно договор на 33 партии кои владеат со државата, СДСМ, ДУИ и многу други. Кормилото на државата неодамна го презеде СДСМ, нова партија која дојде на власт речиси револуционерно. Тогаш кога почна уривањето на стариот режим, на фамозниот 27 април, му беше дури загрозен и животот на претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Во тоа време, Зоран Заев, денес премиер на државата, беше со него, сите борејќи се да го ослободат народот од канџите на тогашниот тоталитаризам. Секоја етничка група го сакаше тоа, сите, без оглед на припадноста, се обединивме во име на слободата.
Но што се случи потоа? Веднаш по формирањето на
новата Влада, Заев се соочи со голем проблем, да не речам и парадокс.
Мораше во новата Влада да ‘коегзистира’ со половина од режимот против
кого толку силно се бореше. А таа половина беше ДУИ. Премиерот, намерно
или не, воспостави соработка, правејќи се наивен пред очите на народот,
во името на европските процеси кои што државата мораше да ги спроведе.
Но, каде потфрли Заев? Токму во фактот што овие, нови, процеси не можат
да се направат со ДУИ. Премиерот не разбра дека времето на ДУИ
поминало.
И што се случи сега? Нивниот консензуален кандидат
Пендаровски беше казнет во првиот круг, бидејќи ДУИ капитулираше, со што
значително го ослабна имиџот на СДСМ кај народот. Луѓето се
почувствуваа издадени од партијата која покрај себе има друга партија
што претходно ја обвинуваше за соучесник во криминалот.
Па, така, Пендаровски и СДСМ мораа да ги преземат гревовите на ДУИ, бидејќи оваа партија го изгуби кредибилитет кај народот.
Другиот кандидат, г-ѓа Силјановска, ги доби гласовите на целиот
македонски опозициски електорат, која како најголема партија од својот
вид, во комбинација со тактичките грешки на Заев, доби изненадувачки
голем број гласови.
Но, триумфот е чист и му припаѓа само на Река и
на албанската опозиција. Зошто го велам ова? Затоа што токму оваа
опозиција освои цели 80 илјади гласови! Без разлика на отселеноста на
добар дел од електоратот, а и притисокот од ДУИ која го набљудува
животот и судбината на луѓето.
Во име на слободата, во име на меѓусебната почит, во име на иднината, 80.000 Албанци, Македонци, Турци, Бошњаци, Бугари, Роми и други се здружија и, со својот глас, сторија еден историски чин.
Овие гласови се само почеток на големата промена. Сега кампот Пендаровски и кампот Силјановска ги свртеа очите кон нашите гласови, кон гласовите на чесноста и еднаквоста. Но, тие гласови заслужуваат да бидат дадени само под еден услов: чесност и само чесност! Затоа што чесноста ќе ги коригира грешките од минатото. Затоа што награда заслужуваат само чесноста и интегритетот.
Концептот чесност не треба да е во судар со она што се случува на политичката арена. Напротив! А албанската опозиција и г. Река покажаа дека тоа е нивна одлика.
Сите мора да разбереме дека е тешко да се биде чесен со останатите кога си нечесен со самиот себеси. Со лаги демократијата ниту се создава, ниту може да опстане. Нека не ни изгледа дека е голем подвиг да ги прифатиме слободата, еднаквоста и правдата. Овој народ, луѓето во оваа држава, го заслужуваат тоа. Со сета своја различност сите ние треба да бидеме еднакви! Патот до тоа треба да биде трасиран со храброст, силна волја и определба. А сѐ додека им се наштетува на другите, заробеноста ќе биде неизбежна. Редно е да излеземе од неа!
Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар
