Трновската патријаршија – „Великата Мајка Црква“
Пишува: Проф. Пламен Павлов
Пред востанието на Петар и Асен, идната престолнина Трновград бил во диецезата на Охридската архиепископија „… на цела Бугарија…“
По 1235 година, Трновската патријаршија била автокефална црква со највисок ранг и авторитет во православниот славјански свет.
Денеска е Велики петок во предвечерието на Христовото Воскресение, кое нашиот народ со векови го нарекува „Велигден“. Во врска со големиот празник на верата, ајде да фрлиме поглед кон Трновската патријаршија – „Великата црква“, „Мајката на сите бугарски цркви“ на нашите средновековни предци.
Уште за време на возобновувањето на бугарското кралство во 1186 година, Петар и Асен јасно ставаат до знаење дека Бугарите не ја прекинуваат врската само со „ромејската“ политичка власт, туку и со странското духовно покровителство. Во Трново не воскресна само бугарската државност, туку и автокефалната бугарска црква – чин што на прв поглед во најмала рака е чуден. Па нели во таа епоха постоела архиепископијата „… на цела Бугарија…“, чиј престол од времето на цар Самуил е во Охрид?! За време на големите востанија на Петар Делјан и Георги Војтех, духовната јурисдикција на Охридската архиепископија не е оспорувана, но еден век подоцна, очигледен е недостигот на доверба кон силниот „поствизантиски“ црковен престол во некогашната престолнина на Првото Бугарско Царство. При тоа, поради политичко-географски причини очигледно било невозможно да биде крунисан бугарски цар од Охрид.
Општо прифатено е дека во 1186 година во Трново е отфрлена црковната власт на Константинополската патријаршија, но дали е така? Според охридскиот архиепископ Димитар Хоматиан, современик на настаните, пред 1186 година градот бил во неговата диецеза! Со други зборови, духовно потчинети на Охрид биле не само земјите во денешна Македонија, Софија, Ниш, Видин итн., туку и оние меѓу Стара планина и Дунав. Исклучок е митрополијата во Доростол/Друстер (Силистра), која не е јасно кога и како преминала кон Константинопол.
Кога било објавено востанието, Петар и Асен принудиле тројца владици да го ракоположат својот истомисленик Василиј за архиепископ на Бугарија. Еден од тројцата е епископот на Видин, кој кога се обидел да се спротивстави на одлуката, бил казнет со смрт! Конституирањето на епископски престол во Трново, и покрај постоењето на рановизантиската епископија на Царевец во IV-VI век, не е возможно без согласноста на Охрид. Поинаку кажано, можно е во XII век градот веќе да имал епископ. Така или инаку, објавувањето на востанието во црквата „Св. Димитар“ ја одиграло улогата и на црковно-народен собор. Немаме податоци за реакцијата на Охридската архиепископија, но нема шанси да била позитивна.
До 1202 година бугарските владетели се обидувале да го решат црковното прашање. Несогласувањето на Константинопол, а секако и на Охрид, како и меѓународните околности, доведуваат до контакти со Рим. Дури во летото 1203 година, императорот Алексиј III Ангел, кој избегал од Константинопол, му предложил на Калојан да ја признае неговата царска титула, а Василиј да биде унапреден во чин на „патријарх“. Бугарскиот владетел ја отфрлил неочекуваната „понуда“, која би ја вовлекла земјата во војна со крстоносците. Преговорите со папата Инокентиј III се продолжени и завршени со успех. Титулата „примат“ дадена од Рим на Василиј, архиепископ «… на Бугарија и Влахија…“, е доживувана од бугарската страна како еквивалентна на патријаршиската титула, на што Папата во суштина не се противи. Со црковниот сојуз склучен на 7 ноември 1204 година, таа позиција е официјализирана. Авторитетни византиски теолози, како што е споменатиот архиепископ Димитар Хоматиан, кој при тоа институционално бил засегнат од промените (!), го признале за легитимен. Додавката «… и Влахија…“ исто е важна, бидејќи така Папата ја признава бугарската власт на север од Дунав до Карпатите, и покрај претензиите на католичка Унгарија. Од кореспонденцијата на царот Калојан со Инокениј III е забележливо дека бугарската држава и црква ги сметаат куманите за свој „периметар“ и покрај обидите на католичките мисионери да ги преобратат.
Со текот на времето сојузот го исцрпува своето значење, а дел од свештенството не го прифаќа. Во 1211 година, свиканиот собор против богомилите цар Борил го нарекол „православен“, но сепак не го прекинал сојузот. Во времето на Иван Асен II, кога била постигната бугарска хегемонија на Балканот, доаѓа нова конфронтација со бледата Латинска империја и Унгарија – „предните столбови“ на католицизмот во регионот. Имајќи го предвид сето тоа и црковната политика на Иван Асен, од Рим се закануваат со екскомуникација и крстоносна војна (!), што се должи и на неадекватната политика кон Бугарија од страна на папата Григориј IX.
Иван Асен II, кој ја носи титулата „цар на сите Бугари и Грци“ („Ромеи“) ја презема улогата на византиските императори, кои по традиција се заштитници на православието! Во истиот дух по 1230 година, Трновскиот цар го засилува бугарското влијание на Света Гора Атонска. Односите со Рим постепено заладуваат и до 1232 година биле практично прекинати. Бугарија целосно се враќа во православната „орбита“, но владетелите и Трновската патријаршија одржуваат епизодни односи со Рим до гибелта на нашата средновековна држава.
Во 1235 година, Иван Асен II го возобновува патријаршискиот статус на Бугарската црква во договор со Цариградската („Вселенската“) патријаршија, тогаш „во егзил“ во Никеја. Тој чин е потврден и од древните православни патријаршии во Александрија, Антиохија и Ерусалим. Со додавање на признанието од Рим, фактички Трновската патријаршија е прифатена како „сестра“ од сите цркви на древната „пентархија“ – петте цркви – мајки на христијанската вера.
Улогата на Трновската патријаршија во историската судбина на нашиот народ се олицетворува од истакнати духовни водачи како Св. Јоаким I, Игнатиј, Св. Јоаким III, Симеон и несомнено најсилно од Св. патријарх Евтимиј Трновски. Во некои случаи, трновските првосвештеници решително ја оспорувале црковната политика на Константинопол. Не е случајно што за време на византиските обиди за сојуз со Рим, поврзани со отстапки кон Римокатоличката црква, патријархот Игнатиј бил наречен „столб на православието“! Во 1276 година, древните патријаршии во Ерусалим и Александрија го поддржале Трново во борбата за зачувување на православието со оглед на унијатското однесување на Константинопол.
„Трново како заштитениот од Бога Цариград“ имал сакрален пантеон, кој го правел не само политичка, туку и света престолнина – прашање кое неодамна го постави византологот Кирил Маринов, млад полски научник со бугарски родови корени. Царевите Петар, Асен, Калојан и Иван Асен II ја претвораат нашата средновековна престолнина во „втор Цариград – и со зборови, и со дела“ – признание на константинополскиот патријарх Калист. Од светите мошти кои се чуваат во Трново, можеме да ги посочиме оние на светите Иван Рилски, Гаврил Лесновски, Иларион Мегленски, Параскева / Петка Трновска, Филотеја Темнишка, Михаил Воин, Јоан Поливотски, византиската императорка Теофана, црковно канонизираните патријарси Јоаким I, Макариј и Јоаким III, 110-те Трновски маченици (1394/1395), извесен период на Св. Сава Српски и др. По победата во Тревненскиот превој (1190 г.), околу еден век во бугарската престолнина биле чувани некои од највредните византиски христијански реликвии, вклучително и познатиот крст на рамноапостолниот император Константин Велики! Авторитетот на Трновската патријаршија и делата на нејзините книжевници претвораат голем број локални во општо православни култови.
Трновската патријаршија е највисоко поставената црква во однос на рангирањето во православниот славјански свет.
Признавањето на Српската црква како автокефална архиепископија е одобрено од трновскиот патријарх Јоаким и царот Иван Асен II. Од друга страна, издигнувањето до ранг на патријаршија во 1346 година се случило со поддршката на царот Иван Александар и патријархот Симеон, а во 1352 година патријархот Теодосиј II го ракоположил монахот Теодорит за киевски митрополит. Бугарското духовно влијание во средновековните руски кнежевства (во денешните држави Украина, Русија и Белорусија), како и во Влахија, Молдавија, Литванија и други земји, игра значајна улога во духовниот раст на нивните народи. Сето тоа покажува дека бесценетото наследство на Трновската патријаршија може и треба да биде пример за нашите денешни црква, држава и општество.

