Тројца бугарски католички свештеници се очекува да бидат прогласени за блажени маченици на верата од папата Лав XVI
Тројца бугарски католички свештеници – Флавијан Манкин, Иван Романов и Фортунат Бакалски – се очекува да бидат прогласени за блажени маченици на верата од папата Лав XVI, поради нивното страдање и смрт за време на атеистичкиот комунистички режим во Бугарија, јавува БНР.
Тие би се придружиле на веќе прогласените блажени Евгениј Босилков, Камен Вичев, Павел Џиџов и Јосафат Шишков, кои во 1952 година биле стрелани во дворот на Централниот софиски затвор, откако одбиле да потпишат признанија на монтираниот судски процес против нив.
По комунистичкиот преврат на 9 септември 1944 година започнале репресии врз Католичката црква – со атеистичка пропаганда, забрана на јавни активности, конфискација на имот и затворање на црковни институции.
„Свештениците биле следени од Државна безбедност и веќе во 1946–47 година речиси секој имал досие“, раскажува отец Паоло Кортези, парохиски свештеник во Белене. „Најстрогите репресии настапиле во 1951 и 1952 година, кога повеќето католички свештеници биле уапсени.“
Најмладиот од тројцата кандидати за беатификација, отец Флавијан Манкин, бил убиен во 1944 година од партизани во близина на градот Раковски.
„Овој млад и радосен човек еден ден бил исечен со секира, а телото му било фрлено во реката Стрјама“, вели Кортези.
Епископот Иван Романов, кој претходно бил дворски капелан на цар Фердинанд, бил уапсен во 1952 година и починал на 73-годишна возраст во шуменскиот затвор по физичката тортура на која бил подложен.
Третиот свештеник, Фортунат Бакалски, уредник на католичкото списание „Вистина“, јавно ја критикувал новата власт и ограничувањата врз Црквата. Тој починал на 36 години во Софискиот затвор по измачувањата на кои бил подложен.
„Тие се пример за кротки и чесни луѓе кои ја сакале својата татковина и служеле на луѓето до последниот миг“, вели отец Кортези. „Нека бидат инспирација за сите нас да вложуваме добри сили во општеството.“
Процесот на беатификација се очекува да заврши во следните две години. За нивна канонизација како светци, според правилата на Ватикан, ќе биде потребно да се признае и чудо извршено преку нивното застапништво.
