Турција ја обвини ПКК за бомбашкиот напад во Истанбул
Турскиот министер за внатрешни работи ја обвини Курдската работничка партија (ПКК) дека е одговорна за бомбашкиот напад на прометна шопинг улица во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а повеќе од 80 беа повредени.
Во неделата попладне експлозија ја потресе улицата Истиклал, популарна шопинг дестинација за локалното население и туристите.
Едно осомничено лице беше уапсено во понеделникот во раните утрински часови.
„Лицето кое ја постави бомбата е уапсено“, рече министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу во изјава што ја пренесе агенцијата Anadolu.
„Според нашите податоци, одговорна е терористичката организација ПКК“, рече тој.
ПКК е ставена на црната листа како терористичка група од Анкара и од нејзините западни сојузници.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган го осуди „гнасниот напад“ на улицата Истиклал.
„Можеби би згрешиле ако со сигурност кажеме дека ова е терор, но според првите знаци… мириса на тероризам“, рече Ердоган на прес-конференција во неделата.
Турскиот потпретседател Фуат Октај рече: „Ние веруваме дека тоа е терористички чин извршен од напаѓач за кој веруваме дека е жена што ја активирала бомбата“.
Министерот за правда Бекир Боздаг рече: „Една жена седеше на една од клупите повеќе од 40 минути, а потоа стана. Една или две минути подоцна се случи експлозијата“, изјави тој за телевизијата А Хабер.
„Постојат две можности“, рече тој. „Или имало механизам во таа торба и истиот експлодирал, или некој го активирал (од далечина).
„Во моментов се проверуваат сите податоци за оваа жена“, рече тој. Во пораката на Соилу не се додадени никакви детали за жената.
Истиклал, сместена во историскиот кварт Бејоглу, е една од најпознатите улици во Истанбул. Таа е целосно пешачка и е долга 1,4 км. Таа е преполна со продавници и ресторани и привлекува голем број туристи посебно за време на викенд.
Турската радио и телевизија им забрани на радиодифузерите да прикажуваат снимки од експлозијата, мерка што била користена и претходно по напади на екстремисти.
По нападот, беше ограничен и пристапот до социјалните мрежи.
Грција реагираше брзо, осудувајќи го нападот и изразувајќи сочувство до владата и народот на Турција.
Соединетите Држави, исто така, го осудија нападот, а прес-секретарот на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече: „Ние стоиме рамо до рамо со нашиот НАТО сојузник Турција во борбата против тероризмот“.
Францускиот претседател Емануел Макрон во пораката до турскиот народ рече: „Ја споделуваме вашата болка, стоиме покрај вас во борбата против тероризмот“.
„Потресен сум од веста за бомбашкиот напад во Истанбул, насочен кон невини цивили“, напиша израелскиот претседател Исак Херцог на Твитер на турски и англиски јазик. „Целиот свет мора да застане обединет и цврст против теророт“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така на турски твитна: „Болката на пријателскиот турски народ е и наша болка“.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, изрази сочувство до Турција, твитувајќи: „Моите мисли се со жртвите и нивните семејства“.