|

Уапсен вториот осомничен за тепањето на Христијан Пендиков

Битолчанец осомничен дека учествувал во нападот на Христијан Пендиков е приведен од страна на охридската полиција. Според првичните информации, тој се сомничи за тешка телесна повреда поради тоа што го натепал Пендиков, а за тоа дали ќе му бидат одредени мерки за обезбедување присуство, ќе каже охридското Обвинителство.

„На 21.2.2023, во 17 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б. А. (23) од Битола. Тој бил баран по централна потерница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131 од Кривичниот законик. Тој бил задржан во полициска станица и ќе биде предаден на надлежното ОЈО“, велат од МВР за „Макфакс“.

За апсењето најпрвин извести бугарската фондација „Македонија“. Тие објавија и слика од приведениот битолчанец.

„Вториот напаѓач на Христијан доцна синоќа се предал во полиција во Охрид – ова е битолчанецот Борче Ангелов. Нему му се заканува задолжително притворање доколку судот во Охрид не одлучи да го ослободи како што утврди за првиот напаѓач Илија Спасески. Има и трет напаѓач, не знаеме кој е и не знаеме дали полицијата во Охрид трага по него“, напишаа на „Фејсбук“ од фондацијата „Македонија“.

Постапка за нападот на Пендиков досега се водеше против едно лице, кое беше и 30 дена во притвор. Нему ќе му се суди во охридскиот суд, а рочиштата почнуваат од идната недела. Случката беше во втората половина на јануари. Според првичните информации на Обвинителството, мотивите биле поради тоа што Пендиков имал бугарска самосвест. По ова, Пендиков, кој е генерален секретар и на бугарскиот клуб во Охрид, беше земен од бугарските власти и лекуван во Софија.

Текстот Уапсен млад битолчанец, втор осомничен за тепањето на Христијан Пендиков е превземен од МАКФАКС.

Слични Објави