|

Уапсени двајца разбојници кај мостот на Сарај, фатени со вреќа пари

Денеска, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Ј. Л. (23) од с. Крушопек и Ш. И. (31) од Скопје, кои се сомничат дека во 15.30 ч во продажен салон на подрачјето на Ѓорче Петров со закани со оружје кон вработените одзеле пари и производи, информираат од МВР.

Од таму соопштија дека при обидот за бегство со ПМВ „фолксваген кеди“ биле забележани од полициски службеник од Полициската станица Ѓорче Петров, кој во содејство со полициски службеници од Полициското одделение Сарај во близина на мостот кај Сарај успеале да го запрат возилото, во кое биле пронајдени една црна вреќа со украдените пари, производи и автоматска пушка, а двете лица се дале во бегство.

Полицијата информира дека малку подоцна во близина на с. Кондово тие биле пронајдени и приведени, а во непосредна близина биле пронајдени пиштол, пари, мобилни телефони и други предмети поврзани со кривичното дело.

Разојниците се сомничат дека извршиле уште две кривични дела разбојништво, кои во службен разговор ги признале.

Увид ќе се врши и по документирање на случајот, против двете лица ќе биде поднесена соодветна пријава.

Слични Објави