Ременски до Русковска: Ве победив на суд, сакале тоа да го признаете или не

/

„Обвинителке…, јас ве победив на суд, сакале вие тоа да го признаете или не!“

Ова ѝ го порача експратеничката Фросина Ременски на Вилма Русковска откога обвинителката порача дека не треба да ја напаѓаат бидејќи таа го водела случајот против неа и други високи функционери. Ременски потсети на претресите во нејзинот дом поради случајот „Меѓународен сојуз“ за кој од почетокот на судењата тврдеше дека е незаконски и сега побара од Русковска да ги тргне рацете од Кривичниот суд, каде што, според неа, се заканувала, внатрешната контрола на МВР гонела укажувач, Граѓанскиот суд, каде што се заканувала, Апелација, каде што секојдневно, според Ременски, биле упатувани суптилни закани.

„Како јавен обвинител самите ги погазивте суверенитетот и независноста на државата и нејзините институции, а имате обврска да ги штитите! Од позицијата што ја имате во моментот, знаејќи дека писмото е само за домашна ‘патриотска’ употреба и за кревање на вашиот одамна пропаднат рејтинг, се осмеливте без срам да повикате на меѓународен кривично-правен интервенционизам во кривични постапки за кои вие и судот имате одговорност. Клеветнички го рушите угледот на државата, Владата и на институциите преку свесна и безобразна генерализација дека сите се криминалци, а само вие сте светица и борец против криминалот. Ова е патологија, обвинителке! Следниот пат кога ќе решите да го земете во уста моето име и презиме, бидете спремни дека нема да Ве персирам како во ова јавно обраќање. Бидете свесни и спремни дека не можете сосила да замолчите правдољубив човек во битката што Вие ја водите на погрешната страна“, порача Ременски.

Ременски смета дека има право да ѝ одговори на Русковска бидејќи, според неа, во обраќањето кон странските фактори се повикува на угледот и честа што ги научила од своите родители, а неа неосновано ја обвинила и поставила како таргет за јавен отстрел.

„Тој мој углед и авторитет Вие го ставивте во обвинение и го поставивте како таргет за јавен отстрел, подвивање, говор на омраза и насилство. Го внесовте во судницата, во која се срамев од Вашиот дилетантизам, со кој клеветевте без докази преку протурање невистини за создаваање јавен впечаток и пропаганда за вина. Кога сме кај родителите, обвинителке, од кои сте учеле за чест и поштење… И јас научив многу од моите родители, обвинителке. Татко ми не загина од бугарски куршум, не беше обвинител што ќе ја бутне ќерка му во обвинителство. Мојот татко беше угледен мајстор и чесен човек од најстарата градска фамилија во Крива Паланка. Почина среде судскиот процес во кој Вие ме втурнавте со Вашата зланамера. Се бранев од вербалните куршуми со кои стрелавте секој ден на сите страни. Од татко ми научив многу затоа што како шнајдер и стечаен работник со години се мачеше со неправдите и лоповлукот од приватизацијата, кои со мајка ми ги остави на улица додека бев студент – студент на генерацијата. Да… од таа приватизација и таа олигархија на која Вие денес ѝ слугувате и ја третирате како зашитена сибирска мечка. Додека ние – децата на стечајците и работничката класа – со мака се бориме против неправдите и криминалот на тие тридеценски заштитени мечки, вие, обвинителке, избравте да им слугувате без грам срам! И, да, и јас нема да дозволам личности како тебе, обвинителке, да фрлаат клевета и дамка на мојата макотрпно градена универзитетска кариера, која произведе 18 генерации студенти што работат и во Вшите истражни центри со кои раководите .. и, за жал, извршуваат незаконски наредби издадени од вас лично. Зар не ви е срам безобразно се криете зад тие млади луѓе, кои имаат години работа пред себе и зборуваат во какво заробено (од вас) обвинителство работат?“, прашува Ременски.



Експратеничката тврди дека злонамерно била ставена како дел од обвинението за „Меѓународен сојуз“ за да се пофали дека гони високи функционери.

„Европските институции и амбасадите знаат дека обвинителот и Обвинителството се страна во секоја кривична постапка; дека треба да се водат од начелото на правичност и законитост, пресумцијата на невиност и да го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата во постапката, да ја заштитат тајноста на предистрагата и на истрагата, да не прејудицираат вина додека надлежен суд не ги утврди аргументите на двете страни, да не се служат со недозволени средства за изнуда на признание или лажен исказ, да не кокетираат со медиумите во пласирање полувистини заради пропаганда и да не влијаат на институциите преку наметнување перцепција и суд на вина додека пред судот не се докаже тоа. Сите ваши злоупотреби јас ги докажав на суд, обвинителке – суд пред кој Вие изгубивте со Вашата импровизација и (зло)намера. Поднесував претставки и пријави и сѐ што ми стоеше на располагање (според закон) да го докажам тоа што во мал дел хартија го напиша како извештај Републичкото јавно обвинителство за Вашето постапување во УФП. Но, има разлика, обвинителке, затоа што тогаш под Ваш притисок и закани не дозволивте да се утврди Вашата злоупотреба на службената положба и доведувањето во заблуда на судот со пласирање невистини информации за претресот“, додава Ременски.



Претходна статија

Триесетина луѓе на протест пред бугарската амбасада во Скопје

Следна статија

Уапсени двајца разбојници кај мостот на Сарај, фатени со вреќа пари

Најново од Вести