| |

Ученици од единствената гимназија за обработка камен на Балканот изложија свои дела во Министерството за образование и наука на Бугарија

Ученици од гимназијата за обработка на камен во селото Кунино во Бугарија, единствена од ваков вид на Балканот, ги претставија своите скулптурни дела во бугарското Министерство за образование и наука по повод 105-годишнината од основањето на училиштето.

Заменик-министерката за образование, д-р Тања Панчева, ги пофали учениците за нивниот талент, труд и посветеност кон еден од најстарите занаети.

„Вашето творештво ја надминува професијата каменорезец, бидејќи вие креирате вистинска уметност“, изјави Панчева.

Гимназијата обучува ученици по традиционални и современи техники за обработка на камен, а наставата опфаќа цртање, моделирање, скулптура, архитектура и практична работа. Училиштето располага со специјализирани работилници, современ СТЕМ-центар и ученички дом.

Учениците освојуваат награди на национални и меѓународни конкурси, а благодарение на соработката со компании и стручни организации посетуваат практична настава и имаат платени стажирања. Голем дел од нив се вработуваат веднаш по завршувањето на образованието.



Слични Објави