„УЧИЛИШТАТА СЕ СРЕЌАВААТ СО КОМПАНИИТЕ“ – НОВ ПРОЕКТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАКТИЧНАТА ОБУКА НА УЧЕНИЦИТЕ

Вести Истакнато Македонија

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска присуствуваше на промоцијата на нов регионален проект, во кој покрај Македонија, учествуваат и Албанија и Косово, а чија цел е преку поврзување на средните стручни училишта со компаниите да се унапреди квалитетот на практичната обука за учениците и да им се овозможи да ги стекнуваат конкретните вештини кои всушност ги бараат работодавците.

Во обраќањето пред присутните министерот Адеми потенцираше дека дава силна поддршка за имплементација на проектот поради две причини.

„Прво, целта на проектот е целосно комплементарна со владините стратешки приоритети за развој на севкупниот национален образовен систем со особен фокус на средното стручно образование и обука. И второ, поради тоа што верувам во успешноста на проектот, кој освен подигнување на сплотеноста и заложбите на домашните образовни институции, училиштата и бизнис заедницата, создава можност Македонија да ги слушне и преземе позитивните искуства на Албанија и Косово, но и на Австрија која е финансиер на проектот и пример кој нашата земја го следи во делот на воведување концепт на дуално средно стручно образование“, рече Адеми.

Осврнувајќи се на тоа што досега Владата на Република Македонија направи за унапредување на средното стручно образование, рече дека во иднина следуваат уште повеќе и покрупни активности, а проектите како “Училиштата се среќаваат со компаниите“ се одлично надополнување на политиките во тој дел, додавајќи дека капацитетите на Министерството за образование и наука се целосно на располагање за имплементација и на овој проект.