| |

УЏИТЕ У ЧАМАЦ КАЈЧЕ НЕМАт ГАЈЛЕ, ПЛОВИМО ЗА АЛБАНИЈУ

Кога немаТ луѓе, и џуџињата на Снежана не се седум, помалце се, но ко ќе дојТ сезона, тогаш веднаш, охридската Снежана е сардисана со дванајс џуџиња. ЗначиТ ко ќе дојТ сезона во ОхриТ не се живејТ, имаТ отпојќе луѓе. Но то е, или да го сушиме езероно или да ги трпиме туристине, друго чаре немаТ.
Теми за муабет колку сакаш, да не знаеш за што да читаш побргу, што тема муабет да отвориш и за што да пишуваш?!? Значи најискрено, денес во ек на туристичкава дождовна сезона, имав многу желба да пишувам за вечната тема за охридските укори и скопјанишчана, но ете не било к`смет ќе мора да речам збор два за политичката ситуација во Албанија.
Што се случува во Албанија?!?!
Кого го интересира, бујрум во кајчево од Винстера, оној од песната Охрид Охрид убав мил, и и правец и прамец, за Албанија. Ма уџите бре у чамац, кајче немаТ гајле, максус прављено за бранове.
Албанија е засебна држава, таа беше приватен остров на Енвер Хоџа одбранета од целиот планетарен свет со 750 000 бункери. Ако пак за 50 години не си дел од планетата земја, тогаш мора да си посебна засебна планета. И така треба да биде. Албанија до пред 30 години беше засебна планета, сама за себе, во која што живееше Новиот Човек, производ на Енвер Хоџа.
Енвер Хоџа беше еден измамник и политички шарлатан, кој беше највистинскиот вистински лик од Орвеловата книга 1984. Толку кратко за овојпат, за да не трошам многу мастило.
Како и во сите други балкански земји, и во Албанија политичките партии се политички седмачиња, демек сите се родени предвреме, немаат трпение за цел бебешки мандат од девет месеци. И во Албанија, албанските партии без исклучок се балкански алчни и нестрпливи, и секогаш, ама СЕКОГАШ бараат предвремени избори, и кога треба и кога не треба, а посебно се талентирани тоа да го прават кога не треба.
Знаете ли зошто автобусите во Албанија се движат странично, нашироко? Затоа што сите Албанци сакаат да седнат напред, на предните седишта, така да е измислен посебен автобус кој се движи странично. Мама миа, ма тути албанези, тути команданте, рекол Италијанецот и не згрешил ни една единствена јота.
Моментално во Албанја се работи за глуп политички ИНАЕТ. Инает од тежок најтежок балкански вид, кој е искаран со сета нормална општествена логика од 21 век.
Кој се виновниците? Сите, без исклучок, тути албанези.
Уште пред 100 и кусур години, сите противници за формирањето на албанската држава, тврдеа дека Албанците не се државотворен народ и дека не знаат што е држава и како треба да се води една вистинска, демократска европска држава. Ова бил, беше, е, и продолжува да е главниот аргумент на политичките противници на Албанецот. Тие велат на сиот глас, Албанците не заслужуваат држава.
ИНАЕТ
Турците, т.е Османлиите, рекле- арнаут инад`, Ал-лах`н белас` ! (Албанскиот инает е Господова беља). Во продолжение на муабетот за инаетот, Отец Ѓерѓ Фишта, албански писател парламентарец, и главен организатор на Битолскиот Конгрес за Албанската Азбука, во еден момент иритиран со накриво насадени Албанци извикува- Албанија ќе ја биде, и тоа за инает на Албанците.
Еххх, да беше денес жив отец Ѓерѓ Фишта, којзнае што ќе напишеше? Кога бил парламентарец во првиот албански парламент, напишал една театарска пиеса. Се вика ` Гомари и Баба Тасит`- (Магарето на Баба Таси), каде што во фантастична пародија ја опишува парламентарната какофонија во која едниот зборува со и за турски лири, едниот за грчи драхми, трет за италијански лири, и четвртиот за југословеснко/српски динар.
Да не ви звучи нешто познато со четирите волци околу Македонија?
Ако веќе секој 10/15 години се напаѓа или гори Премиерската Зграда во Албанија, де од едната де од другата политичка партија, тогаш или зградата да се изградо огно-отпорна, или домашното воспитување треба со државното образование да се апдејтираат во 21 век, и треба судството да фунционира по тевтонски, германски, америчко-скандинавско-јапонски урнек. Албанија треба да го имитира, америчко-германско-англискиот , скандинавскиот или јапонскиот модел на државотворност. Се друго нема да одговара на природата на позитивните албански интелектуалци, за кои сонцето изгрева на запад, освен ако е јапонско.
Моментално, во Албанија се имитира сицилијанскиот или јакуза модел, потпомогнат од динари и рубљи, а во коктелот на пари се гледаат многу често и други валути.
Ами чаре, што да правиме. Ние, Република Северна Македонија сме комшии со Република (селфи белаџиска) Албанија и Европската Унија не има врзано едни со други преку учкури како сијамски близнаци. Македонија од своја страна многу греши што никако не сака/не успева да стане вистинска крстосница, вистинска крстопат, а не фатаморгана изградба на Коридорот 8.
КОРИДОРОТ 8, ДЕЈАН АЗЕСКИ И ЉУБОМИР ДАНАИЛОВ ФРЧКОВСКИ
Коридорот 10 треба и МОРА да се вкрстува со Коридорот 8. Тоа многу МНОГУ јасно го пишува Љубомир Данаилов Фрчковски во својата книга Неспокоен Национализам. Купете и Фокус деновиве. Дејан Азески Пештанецот има напишана прекрасна, ама прекрасна ви велам статија. Насловена е Македонските влади ги штителе интересите на Белград и Атина.
Дали знаете што значи ИЛИР на албански?
Има две значења.
Првото е Слободен, како слободен човек.
Второто е Ефтин, како ефтин човек.
Проблемот на албанскиот народ е што народот е во првата а албанските политичари од втората верзија. Значи албанскиот народ е слободоумен, слободен како орел во лет, но избира евтини, поткупливи политичари. Затоа албанската држава е како дрвена колиба иако материалот е високо пресован графит.
Инаку, годинава, започнува со работа Транс-Јадранскиот Гасоводот ТАП ( www.tap-ag.com ). ТАП е една друга верзија на Коридорот 8, кој кога КОНЕЧНО ќе се разработи, ќе помогне во изградбата на оној, Коридорот 8, од ВАРНА до ДРАЧ, како оној коридор на ултра-маратонецот Красимир Георгиев.
Ете зошто има политички проблеми во Албанија.
Европската Унија и НАТО во моментот, не сака никакви, а камоли политички проблеми во Албанија. А кој сме па ние да албански илири да мислиме и одлучуваме поинаку? И не е дека вие стварно помисливте дека во Албанија автобусите патуваат странично? И не се сите Албанци Тути албанези тути команданте. Затоа што врховниот командант е во НАТО. Другите команданти се надежни и талентирани но ниту динарите ниту рубљите веќе немаат вредност во Албанија. Динарот и Рубљата се користи наголемо од илири од втората верзија, но илирите од првата верзија се поголеми јунаци и ги има повеќе.
Тие се произод на убаво домашно воспитание и наследени книги и култура на албанските преродбеници.
А згора на тоа, нели ви кажав дека така одлучи НАТО.
Сонцето изгрева на запад, освен ако е јапонско.
Аригато.

Автор: Агрон Биба



Слични Објави