|

УЈП ги суспендирала инспекторите опфатени од случајот „Пулс“

Управата за јавни приходи соопшти дека веднаш започнала внатрешна проверка по објавата на ИРЛ, при што донела решение за суспензија на неколкумина вработени опфатени во случајот. „Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата на ИРЛ и донесе решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба“, стои во соопштението.

Од институцијата објаснуваат дека ваквиот потег е преземен заради „заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните“.

Според информациите, во јавноста биле презентирани комуникации меѓу службеници и даночен обврзник, кои сугерираат „можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции“.

„Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да делува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност“, нагласуваат од Управата.

Слични Објави