УКИМ подготвува 9.800 места за нови студенти во учебната 2025/2026
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје планира да отвори 9.800 места за идни бруцоши во новата академска година. Конечното одобрување се очекува од Владата, по што ќе биде објавен официјалниот конкурс за запишување.
Според ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, универзитетот постојано работи на усогласување на студиските програми со современите предизвици и барања од пазарот на трудот. Дел од овие промени вклучуваат и унапредена практична настава преку партнерства со бизнис-секторот. Таа најави и можност за укинување или обединување на неатрактивните студиски насоки.
Паралелно, УКИМ влезе во процес на дигитална трансформација кој ќе се одвива во фази и треба да заврши за година и пол. Новите електронски сервиси ќе им овозможат на студентите да добиваат документи како потврди за редовност, уверенија за положени испити, пријави за испити и индекс во целосно дигитална форма.
По две години раководење со најстариот и најголем универзитет во земјата, Ангелова оценува дека УКИМ се развива во правец на современа, отворена и европски ориентирана академска средина со јасна визија и растечки меѓународен углед.
„Универзитетот не само што ги следи европските образовни стандарди, туку и активно учествува во нивното обликување преку истражувања, иновации и ангажираност во поширокиот општествен контекст“ – изјави ректорката.
