Украинската армија формира прво специјализирано одделение за борбени роботи – NC13
Украинската армија официјално го претстави NC13 – првото специјализирано одделение за водење борба со наземни јуришни роботи, пренесува Фактор. Овој потег претставува нова технолошка фаза во војната и значајна промена во стратегијата на Киев: од користење на роботите претежно за поддршка, кон формирање елитни единици за директен напад.
Новото одделение е дел од легендарната 3-та јуришна бригада, која моментално дејствува во регионот на Харков. Во официјалното соопштение беше прикажана демонстрација на повеќе видови беспилотни наземни возила (UGV), опремени за борба:
- верижна платформа со тешка 12,7 мм митралез,
- тркалава платформа со 7,62 мм митралез ПКТ со можност за аголно подигнување,
- тркалава платформа со автоматски гранатомет АГС-30,
- мал четири тркалезен дрон способен за поставување противтенковски мини.
Досега украинските единици најчесто ги користеа наземните дронови за транспорт на муниција, чистење на мински полиња или евакуација на ранети. Но NC13 е првата единица со јасна задача – водење на јуришни борбени дејства.
3-та јуришна бригада веќе има богато искуство. Таа во јули стана позната како првата украинска единица што принуди руски војници да се предадат на борбен робот. Дополнително, во рамките на програмата за обука „Killhouse“, бригадата обучува оператори на беспилотни летала и UGV системи.
Министерството за одбрана на Украина со месеци работи на забрзано воведување на наземните дронови во вооружените сили, нарекувајќи ги „железни војници“. Целта е украинските сили да можат да задржат и нападнат позиции без директно изложување на луѓето на ризик.
Нивна дополнителна предност е носивоста – тие можат да транспортираат многу потешки експлозивни товари од воздушните FPV-дронови, кои веќе масовно се користат на фронтот.
Презентацијата на NC13 беше искористена и како кампања за регрутирање. „Ова е новата реалност на војната, во која ние ги поставуваме правилата. Роботите се борат, а вие сте тие што командувате,“ порача 3-тиот армиски корпус.
Овој потег јасно ја покажува насоката на развој на модерното војување – бојно поле во кое технолошката надмоќ и иновативното размислување стануваат исто толку важни како и бројноста на армијата.
